Претседателката на Косово, Вјоса Османи на средба со помошникот генерален секретар на НАТО за операции, Томас Гофус истакна дека Косово останува посветено на континуираната соработка со НАТО и мисијата на Алијансата во земјата, КФОР, за справување со предизвиците во областа на безбедноста, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти претседателскиот кабинет, Османи на средбата со Гофус „му се заблагодари на НАТО за досегашната посветеност на мирот, безбедноста и стабилноста и во овој контекст ја повтори стратешката цел на Косово за интеграција во евроатлантската заедница, изразувајќи уверување дека членството во НАТО ќе придонесе за безбедноста и стабилноста на целиот регион“.

На средбата, како што се наведува во соопштението, било разговарано и за прашањето на отворањето на мостот на реката Ибар, кој го дели градот Митровица на јужен дел, населен со мнозинство Албанци, и северен, со српско мнозинство.

Претседателката Османи го повтори ставот дека мосото треба да се отвори, но ја истакна важноста од одржување на комуникација, координација и продлабочување на соработката меѓу нашите институции и нашите безбедносни партнери, особено со НАТО, за изработка на заеднички план за имплементација на отворање на мостот“, се вели во соопштението.

Косовската претседателка го оценила отворањето на мостот како дејствие насочено кон нормализација и интеграција во интерес на сите граѓани, без разлика на етничката припадност.

Во текот на денот, помошникот секретар на НАТО, Гофус, кој допатува претпладнево во посета на Косово, првично се сретна со командантот на КФОР, генерал Озкан Улуташ, додека по приемот кај претседателката Османи замина во Владата на Косово на средба со премиерот Албин Курти



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.