Македонскиот весник „Илинден” во Тирана во електронското издание објави напис под наслов „Ексклузивно-Вистината на виделина за измислените Бугари во Албанија“.

Раководството и членството на Македонското друштво „Илинден“-Тирана во 2017 година жестоко реагираше кога во Република Албанија во Законот за малцинства беа запишани непостоечки Бугари како малцинство. Таквиот чин беше реакција на силниот притисок кој го трпеше Република Албанија од европската членка Република Бугарија, со уцени за вето на нејзиниот европски пат. На уцените потклекнаа албанските власти, при што го направија најсрамниот чин во постоењето на албанската држава од 1912 година до денес, стои во написот.

Се потсетува дека уште пожестока била реакцијата кога со инженериг биле „избројани“ 7057 Бугари во Република Албанија на последниот попис на населението.

Констатира дека таквата измама можеше да се направи само со аминување од албанските власти, а повторно под уцени од бугарските „европејци“.

Но, во океан од лаги, измами и притисоци, вистината испливува. Овој пат, на повторните избори за Народното собрание во Бугарија. Имено, како и за другите досегашни избори во Бугарија имаа право да се пријават за остварување на своето право на глас и Бугарите надвор од Бугарија, продолжува написот.

Се нагласува дека при тоа „во Албанија за гласање на изборите од 27.10.2024 година се пријавиле сe на сe само 174 лица”.

Според весникот листата на гласачи, според информациите од Централната изборна комисија во Елбасан се 69, во Корча 48, Кукс 52 и Тирана (Посолство) само 5.

Дополнително, надвор од Протоколите за гласање, во записниците стои дека гласале дополнителни 245 лица, со што вкупно гласале 329 лица.

Според весникот, ова јасно покажува дека и при ова гласање во записниците се среќаваат дополнителни гласови кои навреме не биле пријавени.

Во написот се констатира дека само едно читање на списокот покажува колку и кои лица се чувствуваат како Бугари во Албанија, а тоа е одличен показател за тоа дали Бугарите во Албанија се малцинство или ги има во занемарлива бројка.

Фактот што во Тирана, каде има најголема концентрација на население, навремено за гласање се пријавиле само 5 членови на бугарската Амбасада прашањето е каде исчезнаа Бугарите во Албанија? Или, дали ни со инженеринг не можеа да се вметнат повеќе „Бугари“ гласачи од Албанија за бугарското Народното собрание?, се прашува авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.