Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека мисијата ЕУФОР (Алтеа) во Босна и Херцеговина, со поддршка на Алијансата, помага во решавањето на предизвиците со кои се соочува земјата.

– Единствено што ќе кажам е дека никому не е во интерес да не се обнови мандатот, бидејќи присуството на ЕУ таму, со поддршка на НАТО, помага да се решат предизвиците со кои се соочува Босна и Херцеговина, изјавил Столтенберг во Брисел, пренесоа денеска сараевските медиуми.

Тој додаде дека „нема да шпекулира дали мандатот за операцијата на ЕУФОР ќе биде обновен или не“, нагласувајќи дека намалувањето на меѓународното присуство на Алтеа или НАТО во БиХ „само ќе ја отежне тешката ситуација“.

Генералниот секретар на НАТО рече дека сега е неизвесно дали мандатот на ЕУФОР, кој истекува на крајот на годината, ќе биде продолжен, бидејќи од тоа зависи дали Русија во Советот за безбедност на ОН ќе ја поддржи мисијата на ЕУФОР во Босна и Херцеговина.

Во однос на ситуацијата во Западен Балкан, Столтенберг оцени дека НАТО внимателно ја следи состојбата во регионот, потсетувајќи дека во последните неколку години Алијансата се прошири и во земјите од Западен Балкан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.