Амбасадорката на Шведска во Тирана, Елса Хастад, изјави дека проширувањето на Европската унија е еден од приоритетите на шведското претседателство, додавајќи дека процесот на интеграција бара многу посветеност и ќе трае долго.

Таа во телевизиско интервју го потенцираше продолжувањето на спроведувањето на реформата во правосудниот систем во Албанија, како и изборите на 14 мај.

-За нас почетокот на преговорите е многу важен момент и важен камен-темелник во процесот кој ќе трае долго. За Шведска тоа траеше долго време. Значи, знаеме дека е потребно многу работа и многу, многу години. Но, сега кога Албанија ги отвори преговорите, ќе започне вистинската работа. Шведска ја подготвува Албанија 20 години за овој процес и вашиот успех е наш успех, бидејќи чекавме да се случи тоа, изајвила амбасадорката, јави државната агенција, АТА.

Амбасадорката нагласила дека „Шведска 20 години и помага на Албанија, бидејќи наш приоритет е проширувањето“.

-Го поддржавме целиот Западен Балкан. Ставивме на располагање 500 милиони евра за период од седум години само како подготовка за членство во ЕУ. Шведска ќе ја заврши напорната работа заедно со вас. Работиме со агенции и влади за животната средина. Ја подготвивме Албанија за отворањето на поглавјето 27, кое се однесува на животната средина и климатските промени. Ние придонесуваме со нашите експерти. Работиме многу на регионално ниво со медиумите, истражувачкото новинарство, слободата на изразување, што е многу важно да се стане членка на ЕУ. Го поддржуваме и граѓанското општество кое е многу важен дел.

Значи нашата поддршка е политичка, што Шведска ќе го направи за време на своето претседателство, но и со финансирање проекти преку конкретна поддршка, посочила таа.

Откако високо го оценила фактот дека Албанија е меѓу првите земји кои го поддржаа членството на Шведска во НАТО, Хастад рекла дека „среќни сме што ќе и помогнеме на Албанија да стане членка на Европската унија, бидејќи во наш интерес е да ви помогнеме“.

Фокусирајќи се на напредокот на реформите во албанското правосудство, Хастад вели дека „многу работи се направени во реформите во правосудството“.

-Тоа е многу амбициозна реформа. Процесот на проверка, новите агенции, формирањето на СПАК се завршени. Но, мислам дека во очите на јавноста, обичните Албанци, перцепцијата е дека не се случило многу. Мислам дека е многу важно обичните граѓани да имаат пристап до правосудниот систем. Мислам дека не е доволно да се прават реформи кои се многу важни, туку мора да се создаде доверба кај граѓаните. Ја поддржавме реформата во правосудството! Има работа, но мора да се каже дека е многу направено, додаде таа.

Задржувајќи се на локалните избори, што ќе се одржат на 14 мај, амбасадорката оценува дека „изборите се во срцето на демократијата и сите сега ја набљудуваат Албанија“.

-Европа набљудува, Шведска набљудува, бидејќи вашиот напредок е наш напредок. Изборите се исклучително важни. Мојата порака е: Гласајте! Не продавајте го гласот, не купувајте го гласот, не трошете го! Користете го! Локалните избори се многу важни, бидејќи важните одлуки се носат на локално ниво. Во демократијата, потребна ви е активна опозиција, партија во владата, да работиме заедно, за работите да се сменат. Едвај ги чекам овие избори и посветеноста на младите, изјавила шведската амбасадорка во Тирана, Елса Хастад



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.