Наставата во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград каде беа убиени девет ученици на 3 мај продолжува денеска со скратени часови, без оценување, именување и со присуство на шест полицајци во училиштето во секоја смена, јавија белградските медиуми.
Децата кои не сакаат или не можат да продолжат да присуствуваат ќе можат да останат дома и нема да имаат неоправдани отсуства. Над 200 родители бараат да заврши учебната година за учениците во тоа училиште.
Во училиштето вчера се одржа состанок на родителската група од VII-2, одделението каде се случи трагедијата на 3 мај, со повеќе министри и претставник од кабинетот на премиерката на Србија. Тие дојдоа во училиштето со одговори на барањата на родителите, но соопштението беше одложено за следната средба. Родителите го повторија барањето наставата да биде прекината и учебната година да се прогласи дека е завршена на 3 мај.
Никој од владините претставници по средбата не даде изјава за медиумите во Србија.
Над 200 родители на деца од „Владислав Рибникар“ се приклучија на иницијативата за итно прекинување на наставата во постојниот објект на тоа училиште и завршување на работната учебна година на 3 мај, кога ученик од седмо одделение уби девет ученици и чувар на тоа училиште.
Родителите кои ја поддржуваат оваа иницијатива сметаат дека планот за продолжување на образованието кој се спроведува од 10 мај штетно за развојот на голем број ученици, и дека единствено решение е итен прекин на наставата и завршување на работната учебна година. За таквиот став родителите добија поддршка од еминентни стручњаци од областа на невропсихијатрија и психотерапија.
„Учебната година заврши трагично на 3 мај. Секој ден потоа не е продолжение на учебната година туку вештачко преправање дека ништо не се случило. Но, тоа се случи. Наши деца беа убиени во училиштето“, се наведува на крајот од соопштението на групата родители на Основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.