Шефот на грчката дипломатија Никос Дендијас за време на неговата денешна посета на Приштина, како што соопшти грчкото Министерство за надворешни работи ќе разговара со косовските претставници за соработката Атина- Приштина во економијата, енергетиката, културата и здравството, регионалните случувања, вклучително и европската перспектива на Западен Балкан и случувањата во дијалогот Белград-Приштинa. Дендиас ќе се сретне со шефицата на косовската дипломатија Доника Грвала–Шварц и со премиерот на Косово, Албин Курти. За време на еднодневната посета на Приштина, планирано е министерот за надворешни работи на Грција да се сретне и со претставници на грчкиот одред на КФОР.

Од грчкото МНР потсетуваат дека Дендијас ја посети Приштина во октомври 2020 година, во јуни 2021 година и во јуни годинава, додека шефицата на косовската дипломатија беше во Атина во јануари годинава. Дендијас вчера беше во посета на Белград каде што се сретна со неговиот српски колега Ивица Дачиќ, при што изјави дека официјална Атина го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина за да се постигне сеопфатно правно обврзувачко решение и нагласи дека сите досегашни договори мора целосно да се применат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.