Одредувањето на фиксни датуми за следното проширување на ЕУ не е најдобра идеја, но Унијата треба да работи на постепена интеграција на земјите кандидати за членство, смета поранешниот претседател на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо.

Коментирајќи ја најавата на актуелниот претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел дадена минатата година во Блед дека следното проширување на ЕУ ќе се случи во 2030 година, Барозо вели дека тој лично не се залага за поставување дефинитивни датуми за овој процес, бидејќи тоа „би можело да создаде разочарување“.

Сега времето е особено важно, посебно поради Украина, бидејќи реалноста е дека не е реално да се има земја во ЕУ која е во воена состојба, вели Барозо во интервју за „Еурактив“.

Затоа тој вели дека ја поддржува идејата промовирана од актуелната Европска комисија и некои земји членки на ЕУ за постепена интеграција на кандидати за членство, на тој начин што ќе им се дозволи да учествуваат на некои од состаноците на Советите на Унијата, во нејзините програми и во самите институционални структури на блокот.

Затоа што тоа ќе биде тежок и веројатно долг процес, треба да започнеме што порано да ги интегрираме како што правевме порано, смета Барозо, кој беше претседател на Еврокомисијата од ноември 2004 до октомври 2014 година.

Во врска со аргументот против приемот на нови земји во ЕУ дека со тоа би се зголемиле трошоците на актуелните членки, Барозо вели дека оставањето на аспирантите за членство надвор од блокот „секако ќе чини повеќе отколку да се инвестира во проширувањето“.

Дали сме подготвени да платиме за идната нестабилност, охрабрени од можниот успех на Русија во Украина? Дали ќе чини помалку? Прашањето на трошоците треба да се гледа стратешки, а не само на краткорочен сметководствен начин, вели Барозо, додавајќи дека при претходните проширувања проценката била дека предностите од примерот на нови членки, не само политички, туку и економски, се поголеми од трошоците.

Затоа, според него, ЕУ треба да инвестира во проширувањето од сите гледни точки.

Понекогаш не се работи само за пари, туку и за внимание, за присуство и за давање совети, а тоа бара нешто повеќе од она што го гледавме досега. Со сета почит кон нив, но тоа не може да го направат само Генералниот директорат (за соседство и преговори за проширување) и ресорниот комесар, треба да се вклучат европските општества како целина, смета Барозо.

Врз основа на искуствата од приемот на нови членки во Унијата во текот на неговите два мандати на чело на Еврокомисијата, Барозо вели дека процесите на проширување и на зајакнато интегрирање на ЕУ може да се одвиваат паралелно.

Тогаш беше научена многу важна лекција дека е можно (ЕУ) и да се прошири и повеќе да се интегрира во исто време. Секогаш имаше такви кои велеа – повеќе проширување значи помалку интегрирање. Тоа е целосно неточно, истакнува Барозо.

Неколку месеци пред доаѓањето на Барозо на чело на Еврокомисијата, беше спроведено т.н. големо проширување од 1 мај 2004 година, кога во ЕУ беа примени 10 нови членки – Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка со што Унијата се зголеми од 15 на 25 членки, а потоа во текот на неговиот мандат се случија и проширувањата со Бугарија и Романија во 2008 година и со Хрватска во 2013 година.

Тоа беше историски невиден успех на ЕУ, со што се покажа и трансформативниот капацитет на блокот, оцени Барозо, додавајќи дека Европа „не треба да ја изгуби перспективата на она што се случи тогаш“.

Тој смета дека најавата на Комисијата формирана во 2014 година по истекот на неговиот втор мандат дека „нема да има ново проширување во следните пет години“, претставувало „огромна грешка“.

Тоа создаде разочарување, фрустрација, па дури и незадоволство и ја игнорираше чувствителноста на тие земји и тие луѓе, истакна Барозо.

Поранешниот претседател на ЕК нагласува дека искуствата научени од претходните проширувања се дека ЕУ треба да избегне опстојување на „сиви зони на нестабилност“ во нејзиното соседство, но и да не дозволи отстапување од своите стандарди.

Барозо признава дека „постојат проблеми со владеењето на правото“ во некои од земјите кои станаа членки на ЕУ во овој век, но според него „сега им е многу подобро отколку пред да влезат во Европската Унија, кога беа под комунистичка власт.

Според Барозо, по овие проширувања со текот на годините за време на неговите мандати ЕУ постигнала поголем напредок во подлабоката интеграција и повисоко ниво на соработка меѓу 27-те земји членки, особено во надворешната политика, отколку во случајот кога Унијата броела 12 членки до средината на 90-те години на минатиот век.

Во однос на дебата за реформи на ЕУ пред следното проширување со цел таа да може да функционира со „потенцијално 36 членки“, Барозо смета дека би претставувало уште една „огромна грешка“ ако сега започне фундаментална ревизија на институциите на Унијата поради проширувањето.

Тој нагласува дека не го велам ова за да го одбранам Лисабонскиот договор, за кој тој преговараше, туку затоа што за негова промен е потребен консензус на сите земји членки, па ако во во процесот на реформи на ЕУ почнат да се воведуваме други прашања, како на пример проширувањето, може само да се зголемат изговорите за различни спротивставувања.

Ќе има луѓе кои ќе сакаат да го блокираат проширувањето, па ќе користат институционални аргументи. Ќе има луѓе кои ќе сакаат да ги блокираат институционалните реформи, па ќе го користат проширувањето. Не треба да ги мешаме проблемите, смета Барозо.

Затоа, според него, Унијата треба да „избегне премногу амбициозни реформи“ и да се посвети само да ги спроведе оние кои се „строго неопходни за проширувањето“.

Бев претседател на Комисија со 28 членови и сите студии и сите мислења покажаа дека нашата Комисија ги носеше одлуките поефективно и побрзо од претходните помалобројни комисии, изјави Барозо.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.