Денеска ќе ја одредиме владината политика до 25 јуни, согласно уставните обврски, рече службениот премиер на Грција Јоанис Сармас на почетокот на денешната владина седница, а паралелно од министрите во службената Влада побара да ги идентификуваат евентуалните опасностите во нивните Министерства, јави дописничката на МИА од Атина.
Сармас објасни дека неопходно е да постои владина политика, па дури и кога станува збор преодна Влада, додаде дека на денешната седница ќе го разгледаат планирањето на работата и затоа „министрите треба да информираат за програмата во секое од Министерства“ и посочи дека постои план од Владата во заминување.
-Но, во контекст на политичка неутралност, треба да видиме што од планираното е неопходно да се продолжи со цел да се обезбеди функционалноста на државата и јавните служби. Освен тоа, друга наша многу основна обврска е управувањето со опасностите во вашите Министерства. Веројатно ова е уште поважно од планирањето. Управувањето со опасности значи дека сте ги идентификувале различните ризици кои ги загрозуваат активностите, економскиот живот и било што друго што се однесува на вашите надлежности, истакна Сармас.
Додаде дека откривањето на опасностите „не е доволно“, па затоа потребен е и систем за спречување или ублажување на ризикот , а како пример ја спомена железничката несреќа кај Темпи.
-Ваквите опасности ни се закануваат. Се разбира, тие го загрозуваат и планирањето, но тоа се и настани кои се случуваат надвор од планирањето. Во планирањето што го имате во вашите Министерства, треба да видите кои се опасностите доколку тоа не се спроведе, порача Сармас.
Рано утрово службениот премиер присуствуваше на подигнувањето на грчкото знаме на Акропол во присуство на началникот на Генералштабот на одбраната Константинос Флорос.
Откако беше формирана службената Влада на Грција, утре попадне, новоформираниот парламентарен состав ќе положи свечена заклетва.
Пратениците ќе имаат еднодневен пратенички мандат со оглед на тоа дека Парламентот ќе се распушти в понеделник и официјално ќе бидат распишани новите избори на 25 јуни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.