Руското Министерство за надворешни работи ја отфрли изјавата на потпретседателката на Владата на Србија и министерка за енергетика Зорана Михајловиќ дека шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров со изјавате го злоупотребува тоа што Србија не воведе санкции за Русија, обидувајќи се да покаже дека Србија го поддржува рускиот напад врз Украина, иако Србија гласаше за резолуцијата на ОН, која ја осудува војната, јави дописникот на МИА од Белград.

За време на минатонеделната посета на министерот за внатрешни работи Александар Вулин на Москва, Лавров посочи дека Москва и Белград се доследно посветени на принципите на неделивост и еднаква безбедност на сите земји „како на Балканот така и во ситуацијата испровоцирана од Западот во Украина“.

Михајловиќ оцени дека на овој начин Лавров го злоупотребува тоа што Србија не воведе санкции кон Русија и дека со таквото однесување „иако зборува за пријателството на двете земји“, го покажува спротивното.

„Оценките и изјавите на руските функционери никому не му даваат причина и право да нè прекорува со инсинуации, обиди за „злоупотреба“ на традиционално пријателските, чесни односи со Србија, кои неминовно се градат на еднаквост, почит и меѓусебно разбирање, соопштенија од руското МНР, сугерирајќи дека „очигледно Михајловиќ е слабо упатена во реалноста“ на односите меѓу двете земји“.

„Со Србија имаме целосно меѓусебно разбирање за актуелните теми од меѓународната агенда. Во контактите со партнерите, отворено го презентираме нашиот поглед на ситуацијата во Украина. Ја почитуваме желбата на Белград да одржи балансирана, и што е најважно, независна линија во овие тешки услови“, посочуваат од руското Министерство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.