Приштинските медиуми, повикувајќи се на свои извори, пренесуваат дека во нападот на припадниците на косовската полицијата утринава кај селото Бањска се убиени четворица напаѓачи.
Во медиумите се наведува дека постои можност лицата кои пукале во полицијата да се припадници на руската приватна безбедносна компанија Вагнер група, но агенцијата Бета не можела да добие потврда на таа информација од косовските институции.
Претходно косовската полиција потврди дека во размена на оган во атарот на селото Бањска е убиен еден од групата 30 „тешко вооружени и маскирани припадници на криминална група“.
Премиерот на Косово Аљбин Курти на конференција за новинарите прикажа снимки од лица со тешко вооружување, кои со шест возила без регистарски таблички и едно блиндирано возило, во маскирни униформи, влегле во манастирот Бањска во кој и околу кој наводно сè уште се наоѓаат.
Курти кажа дека припадниците на таа група ги опколиле специјалните сили на косовската полиција и ги повика да се предадат.
Косовската влада соопшти дека во нападот на полицијата „учествуваат значителен број маскирани професионалци во различни униформи, вооружени со тешко оружје, гранати, рачни ракетни фрлачи, оклопни возила“ и дека користат „различни приватни простори, вклучувајќи го и просторот во и околу манастирот Бањска, за движење, криење и пукање во полициските единици“.
Мировните сили на НАТО на Косово (КФОР) соопштија денес дека продолжуваат внимателно да ја следат ситуацијата во Бањска по нападот на припадниците на полицијата на Косово при што еден полицаец е убиен, а двајца се ранети.
Командата на КФОР соопшти дека на подрачјето на Бањска се присутни трупи на таа воена организација и дека нејзините припадници се спремни да одговорат, ако е потребно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.