На 78-годишна возраст, синоќа во Тирана почина Фоте Никола, – истакнат македонски активист и борец за правата на Македонците во Албанија, објави македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.

Роден е на 4 март 1946 година во село Шулин, област Мала Преспа. Основно образование заврши во Пустец, средно педагошко во Елбасан и Филолошки факултет во Тирана. Тој беше уредник на програмата на македонски јазик во Радио Корча, од самиот нејзин почеток во 1991 година.

Од 2004 до 2014 година, Фоте беше член на комитетот на малцинствата при владата на Република Албанија, застапувајќи го македонското малцинство. Беше автор на повеќе учебници на македонски јазик за македонските ученици во Албанија. Тој е автор и на книгата “Литературни творци од македонското малцинство во Албанија”, објавена на македонски и албански јазик. Исто така беше задолжен за издавањето на преобјавената верзија на албанско – македонскиот речник на Никола Беровски и пишуваше бројни статии за положбата, образованието, фолклорот и традициите на Македонците во Албанија, наведува партијата.

Беше член на Централниот комитет на МАЕИ и почесен советник на дипломатската мисија за мир и просперитет во Тирана. Даде голем придонес во унапредување на правата на Македонците во Албанија.

Погребот на ќе биде денеска во 14:00 часот на градските гробишта во Корча.

Неговата посветеност кон подобрувањето на животот на македонската заедница во Албанија ќе продолжи да живее во срцата на оние кои го познаваа и сакаа. Нека му е вечна слава, стои во објавата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.