Македонија не ги спроведе потребните реформи за почеток на преговори со Европската Унија. Македонските тајни служби се огранок на Србите, а Србите огранок на Русите. Не сакаме да ги внесеме Тито и Сталин во ЕУ. Ова го изјави бугарскиот експретседател, Росен Плевнелиев, одговарајќи на прашање на БГНЕС во врска со резултатите од недамнешната посета на бугарскиот премиер, Кирил Петков на Скопје.

Плевнелиев како позитивен пример ја наведе Албанија, која заедно со Македонија е кандидат за преговори за членство, но, како што вели, за разлика од Скопје, Тирана во последните години спровела далекусежни реформи.

Албанија е подготвена затоа што во последните години направи големи реформи кои Скопје не ги направи. Поради оваа причина Бугарија со право изјави дека е напред. Албанија спроведе фер попис и му даде права на бугарското малцинство. Таа ги менуваше учебниците и зборуваше за комунистичката идеологија и минатото на поинаков начин. Службите на Албанија се многу повеќе интегрирани со службите на НАТО и ЕУ отколку службите на Македонија – рече Плевнелиев.

Плевнелиев повика: Важно е нашите пријатели во Скопје да разберат дека само со лобирање нема да се случи. Драги пријатели во Скопје, потребни се реформи, потребни се акции. Ова ќе ја отклучи вратата за посакуваното европско членство.

На темата се надоврза и поранешниот претседател Георги Прванов (2002-2012) рече дека секој има право да биде оптимист, особено ако е во првите недели од неговото владеење, коментирајќи ги оптимистичките сигнали кои премиерот Кирил Петков ги даде по посетата на Скопје.

Вознемирен сум од скептичниот однос на некои негови македонски домаќини, меѓу кои и претседателот Стево Пендаровски, кој кажа некои зборови кои звучеа недомаќинско – додаде Прванов.

Тој му посака успех на Петков, но нагласи дека „само со Коридорот бр. 8 или инфраструктурен проект нема да се решат работите меѓу двете земји“.

Темата заедничка историја мора да се реши. Најважно е да се вратиме на ситуацијата дека сме најбратски народи на Балканот, а не најнепријателски како што е сега – рече Георги Прванов.

Со ваквиот став се согласува и Росен Плевнелиев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.