Директорот на Клиниката за кардиохирургија при Универзитетскиот клинички центар во Ниш, Драган Милиќ, објасни како се случил херојскиот потфат на медицинскиот тим лекари од Ниш, кој 12 последователни викенди работеше без надомест за да нема листи на чекање.

„Иницијативата е од помлади колеги доктори. Нивната одговорност е да ги проверат пациентите од листата на чекање. Велат, на ред е вашиот татко, може ли да биде во понеделник? Го добиваат одговорот: Татко ми почина пред десет дена. Потоа рекоа, мораме да ги тргнеме тие листи на чекање за луѓето да преживеат“, рече тој.

Д-р Милиќ вели дека лекарите што со месеци работеле за викенд, без паричен надомест, за да ги укинат листите на чекање за операции, бараат државата да не им дава ордени, туку да им овозможи опрема.

Тој додаде и дека им треба персонал и поинаков организациски систем.

„Ние им подаривме 24 дена на нашите пациенти и спасивме многу животи на оние што би умреле чекајќи операција. За овие 24 дена, направивме 287 операции, вредеше трудот бидејќи човечкиот живот нема цена“, изјави Милиќ за неделникот НИН.

Тоа што им подаривме малку време на нашите пациенти не е жртва. Беше тешко, имавме дополнителен физички напор, ни требаше дополнителна концентрација за да не погрешиме. Спасувавме животи, тоа ни е работа, а сега споменуваат награда, одликување. Бараме државата да не ни дава никакви одликувања, туку ни треба персонал – медицински сестри, лекари“, рече Милиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.