Осмиот протест Србија против насилството, покрај Белград каде се собраа помалку граѓани отколку изминатите протести, денеска се прошири и во уште девет други градови, со блокада на сообраќајот, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што беше најавено, протести се одржаа во Суботица, Зрењанин, Нови Сад, Шабац, Крагуевац, Кралево, Ниш, Пирот и Лесковац, а во текот на неделата протести се одржаа и во Чачак, Смедерево, Валево, Лучани.

Протестот во Белград, по говорот на студентите почна од платотото пред Народното собрание, каде граѓаните се упатија во долга колона, исполнувајќи го централниот булевар Кнез Милош кон Славија и Автокоманда, каде беше блокиран автопатот, извикувајќи „Оставки“ и „Вучиќу оди си“.

Претседателот на Демократската партија (ДС), Зоран Лутовац, на протестот „Србија против насилството“ рече дека граѓаните само бараат да живеат нормално во државата без каква било форма на насилство и омраза.

Тој порача дека нема да има откажување од барањата на протестот и дека, како што оцени, „властите како да не разбрале добро што очекуваат граѓаните од нив“.

-Со барањето за дебата во парламентот баравме институционален начин да се исполни тоа што го бараат граѓаните, а властите тоа го сфатија како можност да најдат изговори да не го направат тоа, рече Лутовац.

Според него, тоа е погрешен пристап и граѓаните и опозицијата, која технички ги организира собирите, ќе истрајат на барањата на протестите.

Барањата на протестот се: смена на Советот на РЕМ (Регулаторно тело за електронски медиуми), затворање на печатени медиуми и таблоиди кои објавуваат лажни вести, невистини и континуирано го кршат новинарскиот код, одземање на националните фреквенции од телевизиите кои ги залудуваат граѓаните, трујат и промовираат насилство, како што се Пинк и ТВ Хепи, оставка на министерот на полицијата Братислав Гашиќ и шефот на безбедоносната агеција Александар Вулин, итно укинување на програмите кои промовираат насилство, неморал и агресија на телевизиите со национална фреквенција, како што се реалните шоуа.

Проевропската опозиција технички ги организира овие граѓански протести кои започнаа по масовните убиства во белградското училиште „Владислав Рибникар“ и селата Дубона и Мало Орашје во општините Младеновац и Смедерево, додека десничарската опозиција ги подржува и учествува на нив.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.