Во Косово може да се одржат нови избори во општините со мнозинско српско население, погодени од протести, доколку 20 отсто од гласачите потпишат петиција со која бараат избори, јавија денеска косовските медиуми пренесувајќи делови од интервју на косовската претседателка Вјоса Османи за Ројтерс.
Османи рече дека верува оти петицијата е „најдемократскиот начин“ да се придвижи кон нови избори. „На овој начин мислам дека би обезбедиле учество на Србите, бидејќи барањето ќе дојде од нив, од граѓаните“, нагласи таа.
Османи рече дека смената на градоначалниците со гласачка петиција ќе биде „нешто како референдум“ што ќе го отвори патот за второ гласање за избор на нови градоначалници. Таа рече дека целиот овој процес може да се направи во рок од неколку месеци. Сепак, не е јасно дали локалните српски гласачи ќе учествуваат во петицијата, забележува агенцијата.
Османи рече дека пред да се распишат нови избори, на Косово ќе му требаат гаранции од меѓународната заедница дека Белград нема да се меша.
Додека тензиите меѓу Србија и Косово се разгоруваат, НАТО ги зајакна своите мировни сили на северот на земјата. Османи рече дека сака овие мировни трупи да останат додека Косово не биде примено во НАТО.
Османи се сретна со Вучиќ на средба со посредство на францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц во Молдавија минатата недела. Таа го опиша српскиот претседател како „крал на драмата“. „Вучиќ на повеќето состаноци е вистински крал на драмата“, рече таа. „Значи, се разбира, тој повторно се обиде да создаде многу драма, но не презентираше идеи кои ќе придонесат за мирот и стабилноста во регионот“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.