Премиерот на Унгарија Виктор Орбан денеска ги повика Русија и Украина да го прекинат огнот и апелираше до властите во тие земји да започнат мировни преговори.
– Има и такви кои зборуваат за потребата да се добие војната, но некои други, меѓу кои и Унгарија, велат дека е потребно итно примирје проследено со мировни преговори – рече премиерот на Унгарија.
Во интервју за унгарско радио, Орбан рече дека прекинот на огнот и мировните преговори ќе резултираат со економско олеснување за сите, пренесува МТИ.
– Се додека војната продолжува и Западот одговара со санкции, нема да паѓаат ниту инфлацијата, ниту цените на енергијата – посочи Орбан.
Орбан рече дека Брисел ги „зафрлил“ санкциите и дека тие не биле внимателно координирани, што довело до инфлација и дека Унгарија ќе страда поради зголемувањето на цените на енергенсите.
Премиерот на Унгарија посочи и дека санкциите предизвикуваат „сè поголемо незадоволство“ и дека Будимпешта веќе не е сама кога го поставува прашањето „во чиј интерес се донесени“.
– Мораме да им поставуваме прашања на нашите американски пријатели за тоа кој има корист од сегашната ситуација, бидејќи ние Европејците сигурно губиме, вие победувате, додека Русите тешко трпат загуби – рече Орбан.
Орбан, исто така, рече дека експлозијата на гасоводот „Северен тек“ е терористички чин и ако некоја земја имала улога во тоа, таа земја е терористичка земја.
Последниот гасовод со голем капацитет што испорачува руски гас во Европа од југ е Турски тек, посочи тој.
– Доколку некој се обиде да го уништи „Турски тек“ или да го стави надвор од функција, Унгарија ќе гледа на тоа како на терористички чин и ќе постапи соодветно – рече Орбан.
Орбан се осврна и на проблемот со мигрантите и додаде дека Унгарија ќе направи се за да ја заштити границата со Србија од илегални премини,пренесе Новости.рс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.