Лидерот на опозициската Социјалдемократска партија на Косово (ПСД), Дардан Молиќај е уапсен од косовската полиција по протестот против претседателката на Специјализираните комори на Косово, како што е официјалниот назив на меѓународниот трибунал за воени злосторства во Косово, Екатерина Трендафилова, јави дописникот на МИА од Приштина.
Трендафилова денеска допатува во работна посета на косовскиот главен град на средба со претставници на граѓанското општество, во рамки на Програмата на меѓународниот трибунал за комуникација и подигнување на јавната свест.
Бројни полициски сили го обезбедуваа местото каде што Трендафилова се сретна со претставници на граѓанското општество во Приштина, додека активисти на ПСД сепак фрлија солзавец во внатрешноста на хотелот каде што беше средбата.
Полицијата со солзавец и спрејови ги растера останатите демонстранти, при што не ги поштеди ниту новинарите, а некои од нив, според медиумите, биле и повредени.
Покрај Молиќај, полицијата попладнево уапси уште петмина активисти на партијата која ја создадоа незадоволни членови на раководството од владејачката Движење Самопределување, односно од начинот на кој истата ја води актуелниот премиер Албин Курти.
Претходно, лидерот на ПСД, во обраќање пред демонстрантите изјави дека претседателката на Специјалниот суд, Трендафилова е непожелна во Косово, бидејќи има политичка цел да ја претстави Ослободителната војска на Косово (ОВК) како злосторничко здружение.
Тој рече дека „секогаш кога Косово е блиску до лоши договори со Србија, има прогон на припадниците на ОВК“.
Молиќај го обвини премиерот Курти дека се радува на престојот во Хаг на поранешните лидери на ОВК и дека, „додека ним таму им се суди, Курти им дава автономија на Србите во Косово“.
По смирувањето на ситуацијата, потпретседателот на ПСД, Ќендрон Кастрати побара ослободување на Молиќај и останатите приведени, а ја обвини полицијата дека е инструментализирана со политички одлуки и дека применува непропорционално насилство врз демонстрантите.
Кастрати нагласи дека целта на ПСД била преку симболични методи да се спротивстави на посетата на Трендафилова, а воедно најави дека ќе преземат и други дејствија против Специјалниот суд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.