Поранешниот претседател на Хрватска, Стјепан Месиќ, изјави дека никогаш повеќе не може да се направи голема Србија, додавајќи дека во Србија „сè уште има луѓе како криминалецот Слободан Милошевиќ кои имаат за цел српска експанзија“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Месиќ на манифестацијата „Паналбанско-меѓубалканска-евроатлантска средба“ во Приштина, по повод 25-годишнината од војната на Ослободителната војска на Косово и НАТО против српските сили и ослободувањето на Косово, рече дека поранешниот српски претседател, Милошевиќ е главниот одговорен за жртвите на војните во Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово во 90-тите години од минатиот век.
„Многу ви благодарам што сум тука за 25-годишнината од независноста на Косово. Кога отидов во Белград (во доцните 80-ти) тогаш бев претседател на Претседателството на Југославија. Смеам да кажам дека јас ќе бидам последниот претседател на Југославија. Милошевиќ не можеше да се согласи со она што го предложивме: да се направи конфедерација. Тој не го прифати нашиот совет и тргна во друга насока. Мојата иницијатива беше секоја земја да тргне по својот пат. Милошевиќ и неговите луѓе не можеа да го прифатат овој модел кој би бил без војна, без жртви и во интерес на целиот народ, рече поранешниот хрватски претседател.
На сите оние „кои мислат дека Србија може да стане голема држава“, Месиќ им порача дека таа е само „мала држава на Балканот“.
„Сите видовме како заврши оваа работа и со колку жртви. За жал, сè уште има такви како Милошевиќ кои имаат за цел да ја направат Србија голема, но јас ви велам дека тоа не може да се направи. За сите оние кои мислат дека Србија може да стане голема држава, ви кажувам дека Србија е мала држава на Балканот“, рече Месиќ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.