Букинг (Booking), онлајн платформа за резервации на апартмани и хотели низ светот, во Србија се соочува со обвинувања од властите за огласување на нерегистрирани даватели на приватно сместување, односно станови кои нивните сопственици ги издаваат, а не плаќаат данок за тоа.

Од Министерството за туризам посочуваат дека оваа платформа овозможува промоција на субјекти кои не работат согласно законот, додека од Букинг одговараат дека е подготвена да ги едуцира давателите на сместување за нивните обврски, но и нешто повеќе од ова, јави дописникот на МИА од Белград.

Минатата недела министерот за туризам Хусеин Мемиќ изјави дека „во туризмот, кој постојано се развива и носи сè поголем девизен прилив, има многу сива економија, а најголем проблем се корисниците на приватното сместување и странски платформи кои во Србија работат на црно“.

Посебно внимание е насочено кон платформата Букинг, на која министерот посочи дека се воделе разговори со таа компанија, како и дека државниот апарат размислува да го укине работењето на оваа компанија во Србија.

Од Министерството за порталот Нова економија потврдија дека се остварени средби со регионални претставници на Букинг и дека по тој повод е дадено предлог решение во форма на барање за единствен матичен број (JID) на регистрирани угостители од Е-турист, при склучување на договор за огласување помеѓу угостителите и Букинг.

Како што посочуваат, „претставниците на Букинг не се согласиле со предлогот, туку како единствена можност го презентирале предлогот за спроведување информативна кампања за нивните корисници.

Букинг во одговорите за Нова економија наведува дека се подготвени да соработуваат со надлежните органи во Србија со цел да ги едуцираат своите провајдерите на сместување за нивните законски обврски.

„Кога се регистрирате за огласување на сместување на нашата платформа, давателите на услуги мора да ги прифатат нашите услови за користење, потврдувајќи дека имаат законско право да го изнајмат своето сместување“, наведуваат од компанијата.

Додаваат и дека Букинг воспоставил сигурен процес преку кој надлежните органи можат да пријават евентуални неправилности во однос на огласените објекти и дека брзо ќе реагираат и ќе ги отстранат објектите доколку се утврди дека не работат во согласност со локалните закони.

Директорот на Националната асоцијација на туристички агенции на Србија (ЈУТА), Александар Сеничиќ на прашањето како ќе се одрази евентуалното заминување на Букинг од Србија, одговори дека државата треба да разговара со нив за промена на правилата на оваа компанија, но дека во случај тоа да не вроди со плод, забраната за работа на оваа компанија „нема да биде првиот прекин на работата на територијата на една земја, барем привремено“.

– Пример е Турција која имаше долг спор со Букинг поради појавата на нелојална конкуренција и на крајот успеа да инкасира неколку милиони евра обесштетување, а компанијата привремено го „затвори“ своето работење таму – што даде јасна порака до Турција дека треба да се работи според прописите – заклучи Сеничиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.