Косовскиот премиер Албин Курти денеска ги оцени како неправедни мерките што ги усвои Европската унија против Косово поради непреземање мерки за деескалација на ситуацијата на северот на земјата.
На отворањето на новиот парк во селото Давидовац во општина Штимље, Курти рече дека не се работи за санкции, туку за мерки кон Косово кои се неправедни, пренесува Бета.
– Косово не може да прави компромиси со владеењето на правото или со уставноста, па затоа ќе продолжи да ја спроведува владината програма. Косово и неговата влада ја сочинуваат најдемократската, проевропската и најнапредната државна и извршна власт. Од друга страна, имаме постојана конфронтација со различни форми на агресија од Србија, која е автократска и проруска држава и која не се соочи со своето криминално минато на територијата на поранешна Југославија, каде што предизвика четири војни – изјави Курти за медиумите.
Тој изрази надеж дека мерките на ЕУ ќе бидат краткотрајни и оти ќе продолжи поддршката од Брисел за Приштина.
Курти рече дека Косово е подготвено и заинтересирано многу повеќе од Србија за нормализација на односите, со де факто признавање на косовската независност.
– Ние сме за деескалација на ситуацијата, за да има мир и спокој на северот на Косово, а Косово и Србија како две земји да градат соседски односи од европски тип – рече косовскиот премиер.
Како што објавија претходно косовските медиуми, мерките на ЕУ против Приштина предвидуваат привремено прекинување на работата на работните тела во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Косово исто така нема да биде покането на состаноци на високо ниво, а билатералните посети ќе бидат прекинати.
Стапувањето во сила на овие мерки вчера го потврди и комесарот за проширување Оливер Вархеји, кога посочи дека Косово не е вклучено во распределбата на фондот од 2,1 милијарди евра одобрен од Оперативниот комитет за инвестиции на Западен Балкан.
Од Брисел нагласија дека мерките се привремени и зависат од развојот на настаните на терен и одлуката за деескалација што може да ја донесе премиерот на Косово Албин Курти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.