Македонските гранични служби не им дозволиле влез во земјава на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, претседателот на Фондацијата „Бугарска меморија“ Милен Врабевски и уште три лица. Бугарските државјани се обиделе да се упатат на настан во оддавање почит на загинатите бугарски војници на воените гробишта кај Ново село. Како што објави бугарската „БТА“, оваа информација ја добиле директно од европратеникот Ковачев. Тој прецизирал дека никој од нив не е приведен.

-Повеќе од 10 години на Ѓурѓовден одам на воените гробишта во Ново Село да им оддадам почит на загинатите за татковината. Овој пат, на мое големо изненадување, не ни беше дозволен влез мене, Милен Врабевски и на уште три лица,  без да ни дадат никакво објаснување“, рекол европратеникот.

Тој додал дека им бил даден „еден лист на кој пишува дека има уредба дека не им се допушта влез во Република Македонија“.

-Јас сум крајно збунет од ова бидејќи пред само неколку дена имавме средба со министерот за надворешни работи на Република Македонија Бујар Османи. Ги поддржавме да ги започнат преговорите за членство во Европската унија (ЕУ). Не ми е јасно зошто постои овој став, коментирал Ковачев, пренесе „БТА“.

Европратеникот го известил Османи за ваквата ситуација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.