Министерот за администрација на локалната самоуправа на Косово, Елберт Красниќи изјави дека наскоро ќе бидат затворени сите паралелни институции на северот на државата, населен со мнозинско српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.
На денешната конференција за медиуми по седницата на Владата, Красниќи рече дека не може да објави кои институции и кога ќе се затворат, но вети дека сите ќе бидат затворени.
„Не само безбедносните институции имаат информации за различните активности на дуплирање на институциите, туку и медиумите имаат слобода, можност и логистика – државата сега има безбедност на север – да прават вакви извештаи кои се многу важни. Немам што да додадам освен дека во Косово нема простор за ниту една паралелна државна институција. Сите ќе бидат затворени. Сега можеме да разговараме зошто оваа е затворена, а онаа не е, но сé што сакам да кажам е дека ќе бидат затворени, рече Красниќи, додавајќи дека „каде се и кога ќе се затворат, нема да одиме со публицитет“.
Тој рече дека мостот на реката Ибар, кој го дели градот Митровица на северен дел, со мнозинско српско население, и јужен со мнозинство Албанци, треба да се отвори и дека нема причина тој да остане затворен.
Красниќи рече дека Косово е подготвено да го отвори мостот, но чека да бидат подготвени неговите партнери.
„Подготвени сме мостот да се отвори, немаме аргумент пред нас што не тера да веруваме дека мостот не треба да биде отворен. Ги чекаме нашите партнери да бидат подготвени за отворање на мостот. Велат дека безбедноста е една од причините за колебањата за отворањето на мостот. Ние како институции на Република Косово сме подготвени. Целосно веруваме дека нема причина да не се отвори мостот. Цврсто веруваме дека во Република Косово нема капацитети на нарушувачки елементи кои би можеле да создадат ситуации кои не можат да бидат управувани од нашите безбедносни институции“, рече Красниќи
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.