Пратениците на опозициските партии во Собранието на Косово ја прекинаа денешната собраниска седница и во знак на протест отидоа до зградата на Косовската радио-телевизија (РТК) бидејќи јавниот сервис не емитуваше дел од денешната вонредна седница, на која не присуствуваше владејачката партија, Движење самопределување (ВВ), предводена од премиерот Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.
Денешната седница опозицијата ја свика за дебата за објавените разговори од порталот „Национале“ (nacionale.com) на високата функционерка на ВВ, Дејона Михали со поранешниот директор на јавното претпријатие за енергетика (КЕК), Нагип Красниќи, на кои, според опозицијата, се гледаат злоупотребите и коруптивните афери на власта.
На седницата пратениците од опозицијата најавија дека ќе отидат во РТК и ќе ги предадат стенограмите од своите говори. Меѓутоа, не им беше дозволен влез во објектот, по што одржаа прес-конференција пред РТК.
Тие рекоа дека преносот на седницата на периферен канал, наместо на првата програма на РТК, како што предвидува законот, е јасна тенденција „да се задуши гласот на народните пратеници“.
Шефот на пратеничката група на Демократската партија на Косово, Абељард Тахири ги повика в.д. директорот на РТК и управниот одбор да поднесат оставка.
„Таму каде што веќе стигна РТК е крајно страшно. Денеска, кога во Собранието на Косово требаше да се обелодени афера со злоупотреба на околу 20 милиони евра, во овие моменти РТК, било да е генералниот директор, Дејона (Михали) или било кој друг, одлучи нешто што досега не се случило. Седницата на Собранието на Косово ја префрли на периферна програма, не пренесувајќи ја на централната програма“, рече Тахири.
Според него, тоа е неприфатливо, „бидејќи денеска граѓаните на Косово требало да слушнат како се крадат 20 милиони евра од црните капи“, алудирајќи на прашањето на Михал до во разговорот со Красниќи дали ќе оди во нејзината канцеларија „со или без капа“.
Пратеникот на Демократскиот Сојуз на Косово, Арменд Земај изјави дека 9 февруари како датум на избори е денот „кога Владата ќе ја добие заслужената награда за тоа што им го направи на граѓаните“.
„Подолго време кажуваме дека заробувањето на оваа институција има за цел да ги девалвира вредностите во општеството и да ја задуши демократијата. Денеска е врв на дрскоста и на малата надеж дека некој може слободно да дише во слободно и независно Косово и да ги извршува своите законски обврски и овластувања… Далеку е 9 февруари кога ќе ја добијат наградата за тоа што им го направија на граѓаните“, рече Земај.
Шефот на пратеничката група на третата опозициска парламентарна партија, Алијансата за иднината на Косово, Бесник Тахири изјави дека РТК е институција формирана од Собранието и има законска обврска да ги пренесува седниците на Собранието.
„Оваа институција зад мене е формирана од Собранието и оваа институција одговара пред пратениците. Собраниските седници се должност, законска и уставна обврска која оваа институција мора да ја исполни, да ги пренесе пораките на претставниците на народот. Седницата на која се откриваат супер скандалите на власта запрена поради говорот на (премиерот, Албин) Курти на конференција го прикажува многу точно, многу исправно, режимот на Курти кој сака да ги замолчи говорот, дебатата, расправијата“, рече Тахири.
За време на седницата на Собранието, РТК ја емитуваше конференцијата за сексуалното насилство во војнаѕа, која беше организирана од Косовскиот центар за рехабилитација на преживеани од тортура.
На оваа конференција учествуваа претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.