По објавувањето на резултатите од пописот на населението, просрпските партии го обновија своето барање српскиот јазик да биде официјален во Црна Гора.
Резултатите од пописот во Црна Гора покажаа дека српскиот е мајчин јазик за 43 отсто од населението, а црногорскиот за нешто повеќе од 34 отсто.
Истиот ден кога беа објавени резултатите на 15 октомври, просрпските партии го повторија барањето за измена на Уставот за официјализирање на српскиот јазик.
Во Уставот на Црна Гора, црногорскиот јазик е дефиниран како „официјален“, а српскиот јазик е „во службена употреба“ заедно со босанскиот, хрватскиот и албанскиот јазик.
Промена на статусот на српскиот јазик побараа некои од владејачките партии, вклучително и прорускиот Демократски фронт (ДФ), просрпската Социјалистичка народна партија (СНП) и други помали партии.
Тие како основен аргумент го наведоа фактот дека пописот покажал дека мнозинството од населението зборува српски.
Во декември минатата година во Црна Гора беше одржан попис на населението, чии резултати за националното, верското изјаснување и јазикот беа објавени дури на 15 октомври.
Повеќе од една деценија, просрпските партии бараат изедначување на уставниот статус на српскиот и црногорскиот јазик.
Актуелниот претседател на Собранието Андрија Мандиќ, кој е и лидер на проруската ДФ, во неколку наврати најави иницијатива за промена на статусот на српскиот јазик доколку пописот покаже дека мнозинството од населението го зборува тој јазик.
На 15 октомври, во парламентот тоа го повтори неговиот сопартиец Дејан Ѓуровиќ, велејќи дека српскиот јазик треба да се стандардизира како службен јазик во Уставот:
„Мораме да признаеме дека српскиот јазик треба да биде службен, бидејќи тој е мнозински јазик во Црна Гора. Истото го очекувам и од опозицијата.
Истото барање го упати и Драгослав Шќекиќ, функционер на просрпската СНП и министер за спорт во Владата на Милојко Спајиќ, кој рече дека очекува властите да постапат во согласност со „реалната структура на населението“.
„И почитувајте го фактот дека Србите сочинуваат значаен сегмент од ова општество. Најмалку што очекуваат луѓето што зборуваат српски е правото да зборуваат и да се образуваат на нивниот јазик насекаде“, рече Шќекиќ.
Останатите владејачки партии не се огласија за темата.
Претседателот на Српскиот национален совет Момчило Вуксановиќ изјави дека Србите во Црна Гора се соочени со „жестока борба за зачувување на својот идентитет преку воведување на српскиот јазик како службен јазик во сите државни институции и афирмација на кирилицата“.
На овие најави прва реагираше најголемата опозициска Демократска партија на социјалистите (ДПС).
Пратеникот на ДПС Андрија Николиќ ја потсети владејачката партија на нивните претходни изјави:
„Рековте дека српскиот јазик треба да надмине 50 проценти за потоа да се смени Уставот. Имавте различни очекувања. А резултатите се исти како и на пописот во 2011 година.
Црногорскиот јазик е дефиниран со Уставот како службен за време на владеењето на ДПС.
Црногорскиот и српскиот јазик низ последните три пописи на населението
Бројот на граѓани чиј мајчин јазик е српскиот е зголемен за 0,3 отсто меѓу двата пописи – 2011 и 2023 година, додека бројот на оние што зборуваат црногорски е намален за 2,4 отсто.
На пописот одржан во 2003 година, во времето кога Црна Гора беше во државна заедница со Србија, 63,4 отсто од населението својот јазик го нарекувале српски, а 21,9 отсто црногорски.
Уставот на Црна Гора, во кој црногорскиот е пропишан како службен јазик, беше усвоен во 2007 година, една година по референдумот за независност.
Црна Гора, како и другите земји кои произлегоа од поранешна Југославија каде официјален јазик беше српско-хрватскиот, по прогласувањето на државната независност својот официјален јазик го именуваше по името на државата.
Промените на Уставот во 2011 година беа причина тогашната просрпска опозиција, предводена од Андрија Мандиќ, да побара промени во областа на идентитетските прашања и државните симболи.
Беше побарано да се стандардизира српскиот јазик како службен, да се воведе таканареченото тробојно национално знаме и да се скрати државната химна. Владата предводена од ДПС на Мило Ѓукановиќ ги одби овие барања.
Просрпските партии ја обвинија владата на Мило Ѓукановиќ за „протерување на српскиот јазик и кирилицата од Црна Гора“, иако во Уставот српскиот е дефиниран како јазик во службена употртеба, а латиницата и кирилицата се рамноправни азбуки.
Промената на власта се случи во 2020 година на изборите, на кои претходната просрпска опозиција стана дел од парламентарното мнозинство, а во 2024 година добија и дел од ресорите во владата на Милојко Спајиќ.
По смената на власта се забележува зголемување на употребата на кирилицата во институциите.
Постапка за измена на Уставот на Црна Гора
Заедно со партиите на поранешната ДФ и СНП, во парламентарното мнозинство се и Движењето Европа сега на Спајиќ, Демократите, албанските национални партии и Бошњачката партија.
Тие имаат вкупно 54 од вкупно 81 пратеник, што е двотретинско мнозинство во Парламентот на Црна Гора.
Според Уставот, за промена на кој било член од Уставот, потребно е двотретинско мнозинство во парламентот, а за промена на државните симболи и службениот јазик, потребно е и организирање референдум.
На референдумот тие измени треба да ги поддржат три петини од запишаните во избирачкиот список, што е околу 325.000 граѓани.
На последниот попис, нешто помалку од 270.000 изјавиле дека зборуваат српски јазик.
Лидерите на просрпската ДФ претходно најавија дека ќе го воведат српскиот јазик како службен јазик „со минимален ангажман во парламентот“, но не објаснија како.
Коментирајќи ги најавите на просрпските партии, Дигиталниот форензички центар од Подгорица оцени дека „кампањата што веднаш ја почнаа полномошниците на српското влијание е насочена кон поларизација и дестабилизација на црногорското општество“.
„Отворањето на овие теми директно го загрозува европскиот пат на Црна Гора“, заклучува ДФЦ.
На пописот му претходеше кампања на просрпските и проруските сили и медиумите, кои ги повикаа граѓаните да се изјаснат како Срби.
Во кампањата се вклучи и патријархот на СПЦ (СПЦ) Порфирије, кој ги повика граѓаните да се идентификуваат како припадници на српскиот народ и верници на СПЦ кои зборуваат на српски јазик.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, постојано ја истакнува важноста на пописот за да се утврди бројот на Србите во Црна Гора.
Два дена по објавувањето, Вучиќ изнесе констатација дека резултатите од пописот се добра порака „за оние кои мислеа дека со брутални обиди можат да го оспорат правото на српскиот народ на идентитет и јазик“.
Резултатите покажаа и дека 6,9 отсто од жителите го сметаат босанскиот јазик за свој мајчин јазик, албанскиот 5,2 отсто, рускиот 2,3 отсто, српско-хрватскиот два отсто и хрватскиот 0,3 отсто
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.