Италијанскиот амбасадор во Србија, Лука Гори оцени дека се уште не е дојдено времето за членство на Косово во Советот на Европа и нагласи дека за такво нешто е неопходен суштински напредок во формирањето на Заедницата на српските општини.

„Тоа е ставот што Италија го зазеде заедно со Франција, Германија и другите земји-членки на ЕУ и тоа се обидуваме да го постигнеме во Стразбур“, потенцира Гори, пренесуваат белградските медиуми негова изјава за  Танјуг во врска со барањето за одложување на одлуката на Советот на Европа за членството на Косово.

Амбасадорот додаде дека ставот на Италија е многу јасен и дека Рим смета дека ЗСО е клучен елемент за процесот на нормализација меѓу Белград и Приштина.

„Затоа сме убедени дека ако нема суштински напредок во однос на оваа цел, не е вистинско време да се занимаваме со прашањето за кандидатурата на Косово за Советот на Европа или да го ставиме на дневен ред“, рече амбасадорот на Италија во Белград.

На прашањето за чекорите што Италија ги презема за одложување на членството на Косово во СЕ, амбасадорот Гори потсетува дека во Стразбур веќе се преземени чекори во координација со другите земји-членки на ЕУ.

„Се обидуваме да ги охрабриме косовските власти да постигнат напредок по прашањето за ЗСО, но досега не сме виделе никаков напредок“, рече Гори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.