Националната разузнавачка служба на Грција првпат декласифицираше доверливи документи кои се однесуваат на државниот удар против кипарскиот претседател архиепископот Макариос и турската инвазија на Кипар во 1974 година.

Разузнавањето објави 58 билтени составени од тогашната грчка Централна разузнавачка служба. Документите се декласифицирани по истекот на 50 години од нивното подготвување, што е неопходен предуслов за отстранување на етикетата „Тајна“.

Декласифицираните билтени се дневник на настани на Кипар во периодот јули-август 1974 година. Информациите биле собрани од грчкото разузнавање и не се однесуваат на какви било активности преземени од грчките разузнавачки служби или од трети страни. Декласифицираните документи се достапни на веб-страницата на грчката Национална разузнавачка служба.

На 15 јули беше извршен државен удар против тогашниот кипарски претседател, архиепископот Макариос, од страна на локалните грчки националистички кругови кои бараа обединување на островот со Грција. Како одговор, на 20 јули турските воени единици го нападнаа островот, наведувајќи ја позицијата на Турција како гарант за политичкиот статус на Кипар. Турската армија окупираше околу една третина од Кипар, каде што во 1983 година е формирана Турска Република Северен Кипар, која е призната само од Анкара.

Засега преговорите за обединување на поделениот остров се неуспешни.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.