„Претседателски избори во Македонија“; „Македонија: Клучни избори за претседател на земјата“; „Во тек се претседателски избори во Македонија: седум партии, двајца фаворити“; „Избори во Македонија: седумтемина кандидати, аутсајдерите и вториот круг“ „Денеска прв круг од претседателските избори во Македонија“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми за првиот круг од претседателските избори, јави дописничката на МИА од Атина.
Поголемиот дел од медиумите во Грција го пренесуваат текстот од државната агенција АНА-МПА под наслов „Во тек се претседателските избори во Македонија, кои ќе се одразат на парламентарните избори за две седмици“, во кој детално се анализираат изборниот процес, кандидатите, но и прогнозите.
АНА-МПА објавува дека речиси за сигурно се смета оти во денешниот прв круг кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Силјановска ќе биде прва, а втор ќе биде кандидатот на СДСМ Пендаровски.
Двајцата, според процените, ќе се соочат во вториот круг од претседателските избори, при што најголеми шанси да победи и да стане нов претседател на Македонија има 70-годишната Гордана Силјановска. Сепак, во вториот круг од претседателските избори важна улога ќе има ставот на албанските гласачи, кои претставуваат 25 отсто од гласачкото тело во Македонија. Шеесет годишниот Стево Пендаровски има влијание кај албанските гласачи и може да се надева на негов реизбор доколку масовно гласаат за него во вториот круг, пишува АНА-МПА.
Паралелно потсетува дека мандатот на Пендаровски, завршува на 12 мај, но и дека претседателот на земјата има ограничени овластувања.
Во однос на парламентарните избори на 8 мај, грчката државна агенција пишува дека според анкетите, ВМРО-ДПМНЕ со голема разлика е во водство пред владејачката СДСМ, „но без да има изгледи за формирање еднопартиска влада“.
„Јуроњуз“ на грчки јазик во текстот за изборите објави дека „главни теми на предизборната агенда во претседателските избори беа европскиот тек на земјата, владеењето на правото, корупцијата и економијата“.
Интеграцијата во Европската унија е трнливото прашање, бидејќи по решавањето на проблемот со името со Грција, Бугарија става вето, барајќи да се признае во Уставот постоењето на бугарско малцинство во Македонија. 61-годишниот Пендаровски побара да се направи неопходна промена на Уставот, додека 70-годишната Давкова бара нова рамка во пристапните преговори и јавно не се обврзува за уставни измени, пишува „Јуроњуз“ на грчки јазик.
Се осврнува и на корупцијата и коментира дека „на еден од претседателските кандидати, на градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, му е забранет влез во САД поради вмешаност во корупциски случаи, но, против него не е покренато никакво гонење и затоа неговата кандидатура беше прифатена без никаков проблем“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.