Бугарскиот премиерот Кирил Петков вети дека ќе го укине ветото за старт на преговорите на Република Македонија со ЕУ до крајот на француското претседателство за време на негова средба со еврокомесарот Оливер Вархеји, изјави денеска  министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска пред пратениците во бугарското Собрание.

– Тоа беше на мојата прва средба со еврокомесарот Оливер Вархеји. На состанокот присуствуваа седум-осум луѓе од тимот на МНР и како и на сите состаноци, од оваа средба беше подготвен меморандум. Овој меморандум е отворен и го потврдува токму тоа што вие го поставивте во вашето прашање, изјави Генчовска во одговор на прашање на пратеникот и   лидерот на националистичката партија Преродба, Костадин Костадинов.

Како што јави БГНЕС, Костадинов при денешното сослушување на Генчовска на седница на бугарското Собрание ја праша дали на средба со Вархеји на 17 февруари, Петков се обврзал дека Бугарија ќе го укине ветото за старт на преговорите на земјава со ЕУ до крајот на француското претседателство, односно до крајот на јуни.

Претходно, Генчовска во обраќање пред бугарските пратеници изјави дека Петков испратил предлог со кој практично целосно се ревидира Рамковната позиција донесена од Народното собрание и Владата на Бугарија, но тој беше одбиен од МНР..

Генчовска оцени дека преговорите напредуваат, но има и прашања кои остануваат отворени за решавање. Еден од нив, како што наведе, е „формулацијата на т.н. македонски јазик во историска и етничка смисла“.

– Уште кога ја презедов функцијата министер за надворешни работи, на првата средба со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Бујар Османи, кажав: комуницирајте само со мене. За жал, тоа не се случи. Претставниците на Република Македонија продолжија да бараат контакт надвор од МНР со цел да се отстрани клучното бугарско барање – Механизмот за следење на спроведувањето на Договорот за добрососедство од 2017 година, рече Генчовска.

На 5 април годинава, како што посочи таа, советникот за надворешна политика на премиерот испратил нацрт за ажурирање на Рамковната позиција, којшто сугерирал ревизија на националната позиција на Бугарија.

– Нацртот на таа нова Рамковна позиција не го вклучува бугарскиот став за т.н. македонски јазик. Барањето за европски гаранции во однос на Договорот од 2017 година станува неодржливо. Практично, овој проект ги комбинира парцијалните идеи на МНР за имплементација на билатералниот договор, но без јасен механизам за спроведување на договорот. МНР оцени дека документот е целосно погрешен и го отфрли како можност, рече Генчовска.

Според неа, главниот проблем бил што додека МНР се обидувало да преговара, на друго место се создавал впечаток дека Бугарија може да се согласи и на помалку и оти е подготвена за отстапки.

Таа наведе дека има четири теми за кои треба да се направи напредок за да се заштитат бугарските национални интереси: имплементација на Договорот од 2017 година, вклучување на Бугарите во Уставот на Република Македонија, зачувување на бугарската позиција за јазикот на соседната земја и вклучување на гаранции за сите овие прашања во преговарачката рамка на земјава со ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.