Криминалните мрежи во Западен Балкан станаа клучни актери и на регионалниот и на европскиот пазар на дрога, се посочува во извештајот на Европски центар за следење
на дрога и зависност од дрога (EMCDDA).

Извештајот на оваа Агенција покажа дека стратешката географска положба на земјите како Албанија, Црна Гора,  Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово, во комбинација со големата побарувачка за дрога, особено во Европската Унија и Турција, ги забрзаа операциите на криминалните групи.

„Некои земји од ЕУ се наоѓаат на рутите за шверц на дрога што минуваат низ Западен Балкан пред дрогата повторно да влезе во ЕУ. Ова значи дека тековите на шверц може да бидат сложени“, се вели во извештајот на агенцијата, кој е дел од поголема регионална студија спроведена помеѓу 2019 и 2022 година.

ЕМЦДДА извести за оперативно присуство на групи од Западен Балкан во Белгија и Холандија, каде пристаништата Антверпен и Ротердам се важни за дистрибуција и увоз на дрога во ЕУ. Германија, Италија, Шпанија, Швајцарија и Обединетото Кралство се исто така важни локации за тие групи на пазарите на кокаин, хероин и канабис во Европа, посочува европската Агенција.

Овие мрежи слични на мафија, исто така, имаат најнова достапна технологија за подобрување на ефикасноста на производството на дрога, трговијата и перењето пари, се вели во извештајот. Тоа вклучува комплексна опрема за одгледување во затворени простории, дронови или употреба на криптовалути и шифрирани комуникации.

И Западен Балкан и земјите од ЕУ служат како засолниште за криминалците кои се кријат од ривалските криминални групи или од органите на редот.

„Се смета дека членовите на италијанските и турските криминални мрежи ја избегнуваат правдата засолнувајќи се во Западен Балкан, додека руски криминални организации се смета дека се вклучени во активности за перење пари долж крајбрежјето во регионот“, се истакнува во извештахот на ЕМЦДДА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.