Српскиот вицепремиер и министер за финансии Синиша Мали соопшти дека националната авиокомпанија на Обединетите Арапски Емирати – „Етихад Ервејс“ целосно излегува од косопственоста во српската национална авиокомпанија „Ер Србија“.

Тој додаде дека државата го презела делот од сопственоста од „Етихад ервејс“ што од 2013 година беше косопственик на „Ер Србија“. Мали изјави дека државата Србија ќе ги заврши сите потребни документи и ќе го преземе преостанатиот удел во „Ер Србија“ од „Етихад Ервејс„.

Според склучениот договор, Србија ги презеде од „Етихад ервејс“ преостанатите 16,42 отсто од акциите на авиокомпанијата „Ер Србија“, со што компанијата стана целосна сопственост на државата Србија.

Од 2013 година тие се партнери и косопственици во „Ер Србија“. Поради нивните деловни одлуки, тие ја напуштаат „Ер Србија“. Наше е да продолжиме да ја развиваме компанијата, рече Мали.

Компанијата „Ер Србија“ е создадена во 2013 година кога националниот авиопревозник на Обединетите Арапски Емирати „Етихад Ервејс“ презеде 49 отсто од акциите на поранешниот „Јат Ервејс“ врз основа на договорот со Владата на Србија, кој беше прогласен за деловна тајна.

Обврската на „Етихад“ беше да инвестира 40 милиони долари и да обезбеди уште 60 милиони преку кредитни линии, додека Владата на Србија ги презеде долговите на поранешниот ЈАТ и обврската да ја плати социјалната програма за технолошки вишок.

Очекувањата на српските власти беа големи по доаѓањето на партнерите од Емиратите, но Владата на Србија веќе во 2020 година беше принудена да изврши докапитализација, со што сопственичкиот удел на државата го зголеми од 51 на 82 отсто, додека уделот на Етихад Ервејс е намален од 49 на 18 отсто.

По втората докапитализација во септември 2022 година, државата го зголеми сопственичкиот удел на 83,6 отсто, додека уделот на „Етихад Ервејс“ се намали на 16,4 отсто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.