Македонското друштво „Илинден“-Тирана побара од властите на Република Албанија бугарскиот државјанин Виктор Стојанов, претседател на Фондацијата Македонија, да го прогласат за персона нон грата.
– Во време на актуелен попис, одредени бугарски лица слободно се шетаат по градовите и селата населени со Македонци низ Република Албанија, со единствена цел да се присилуваат да се изјаснуваат како Бугари. За таквата активност на бугарските емисари јавно зборуваат Македонците, негодувајќи на говорот на омраза кои тие лица ги користат кон Македонците, како и користењето на децата како погодни за „подарување“ на телефони и таблети кои подоцна се користат како уцена за родителите за изјаснување како Бугари, стои во соопштението на друштвото.
Реагирајќи на „невидената агресивност на бугарските емисари врз Македонците во Република Албанија, цениме дека властите во Република Албанија треба да изнајде начини да ги заштитат македонските жители, кои со децении се лојални граѓани на албанската држава“.
– Поради екстремна агресивност, ширење на говор на омраза и заканувачки пораки кон македонското население, Македонско друштво „Илинден“-Тирана бара Виктор Стојанов да се прогласи за персона нон грата и да му биде забранет влез во Република Албанија. Имено, тој како претседател на бугарска фондација користи агресивна анти-македонска пропаганда и насилно се обидува да направи асимилација на македонско национално малцинство во Република Албанија, се наведува понатаму.
Во соопштението потпишано од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај, на огранокот за Голо Брдо, Фатри Фетаху и координаторот за Округот Елбасан, Елса Џелили, уште се додава дека „ширејќи невистини и провоцирајќи со говор на омраза, Стојанов предизвикува вознемиреност кај македонскиот народ во Република Албанија во време на попис, а со тоа го загрозува и националниот суверенитет на Република Албанија“.
Како што самиот Стојанов објавува на социјалните мрежи, деновиве тој престојувал во областа Голо Брдо, како и во Либражд каде делел таблети и тетратки со ликови, како што наведува големите бугарски владетели.
Тој претходно упати закана до Македонците, предупредувајќи ги дека ако не се попишат како Бугари на пописот кој е во тек во Албанија, ќе им бидат одземени бугарските пасоши а оние кои аплицирале никогаш нема да добијат бугарско државјанство
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.