Осум ученици и припадник на обезбедувањето се убиени откако ученик пукал во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград, Србија. Според  медиумите 14 годишното  момче упаднало на час по историја и почнало да пука во учениците. При нападот повредени се уште шест деца и еден наставник, додека една од ранетите ученички се бори за живот. Во ургентниот центар примени се  четворица пациенти, тројца ученици и наставник и дека станува збор за прострелни рани.

Анкета:

-Едно дете го пукаа во ногата, девојче исто беше повредено и јас мислам уште две момчиња. Беше навистина страшно.

-Моето дете не можете да замислите што доживеа. Она виде човек како паѓа, додека другиот пука, таа додека бегала мислела дека детето трча по неа за да пука. Таа доживеа огромен шок.

-Видов деца од „Владислав Рибникар“ како трчаат како врескаат, сите се сокрија во едно кафуле. Дојдоа родители сите беа во паника. И потоа слушнав три пати пукање. И за кратко се  слушнаа викотници како некој е ранет, како е убиен.

-Наставниците ни рекоа дека се случило пукање и на нас ни забранија да го напуштиме дворот на училиштето

Изразувам најдлабоко жалење за најголемата трагедија што ја снајде Србија во поновата историја.Никој не може да ги врати децата на нивните родители. Им благодарам на наставниците кои се обидоа да ја спречат оваа трагедија. – Бранко Ружич-Министер за образование.

Министерката за здравство Даница Грујичиќ низ солзи порача дека ова е најтешкиот ден во нејзината 40-годишна кариера.

-Во училиштето починаа осум деца и еден човек кој си ја вршеше работата. Шест деца и нивната наставничка се сместени во здравствени установи. Двете момчиња кои се сместени во Тиршово се стабилни и надвор од животна опасност добиле куршум во нозете. За жал третото девојче е критично, се здоби со прострелна рана во главата, но штетата е голема, направивме се што можевме. Момчето кое има повреда на ногата е во Ургентниот центар и моментално е во холот. Наставничката која има повреда на карлицата е во животна опасност. Изразувам искрено сочувство до родителите кои ги загубија своите деца. За 40 години работен стаж, ова е можеби моето најстрашно искуство, и како доктор и како личност.

 

Осомничениот ученик прво побегнал од местото на настанот, но полицијата брзо го пронашла. Тој е уапсен и однесен на распит во полиција.Медумите јавуваат дека Ученикот Коста Кецмановиќ многу пати учествувал на повеќе училишни натпревари. Тој лани го освоил и третото место на општинскиот натпревар по историја. Денеска целиот крвав поход започнал токму поради неговиот гнев кон наставничката по историја која му ставила единица по предметот, по што тој упаднал на нејзиниот час утрово и почнал да пука. Полицијата соопшти дека злосторството го подготвувал еден месец, во станот се пронајдени имињата на учениците кои планирал да ги убие.

-Ова е месец дена планирано Кецмановиќ  не го откри мотивот. Го зел огненото оружје од станот на татко му и го донел со четири молотови коктели. Скицата изгледа како нешто од видео игра или хорор филм што покажува дека тој детално планира како да влезе во училиштето и колкав број убиства да изврши од VII-2, VII-3, VIII-4. -Веселин Милиќ, началник.

Експертите објаснуваат дека до ваква трагедија, можат да доведат деца кои се под притисок и имаат лошо искуство на училиште.

-Многу често се наоѓаат во ситуација која е конфликтна и не знаат како да ја решат, ги влечат на различни страни и, на пример, родителите вршат притисок на едната страна, училиштето на другата страна, врсниците на трета.Децата често се малтретирани, исмејувани и она што е исклучително важно, тоа е факторот на достапност на оружје. Оружјето што може да уништи толку многу луѓе е на располагање на детето. – Јасна Хрнчиќ-Професор по психологија и социјална работа на Факултетот за политички науки Србија.

Покрај момчето кое денеска го изврши масакрот во училиштето во Врачар, уапсен е и неговиот татко. Таткото тврди дека пиштолите биле заклучени во сефот под шифра, но очигледно детето ја имало шифрата на тој сеф. Неофицијално, детето и неговиот татко заедно вежбале стрелање. Во овој случај мерки предвидени со закон ќе бидат преземени и против таткото на ученикот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.