По веста објавена на социјалните мрежи дека утре 24 мај – Денот на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј ќе се отвори бугарски културен центар во Пустец, од локалната власт на оваа општина, за МИА изјавија дека за такво нешто нема издадено дозвола.

-Нема дозвола од надлежните албански институции за отворање бугарски културен центар. Ова го прават со цел да им се даде публицитет. Повеќе од очигледно е дека е провокација кон Македонија, вели за МИА градоначалникот Пали Колефски.

Додава дека пред околу осум месеци момче од Пустец студент во Бугарија изнајмил под кирија простор во приватен објект.

Но, канцеларијата како што некој ја нарекува е под клуч. Барам да не им се дава внимание на овие провокации. Ние знаеме што сме, Македонци и тоа не може да го смени никој, а најмалку неколкумина кои за личен интерес си го продаваат најсветото-македонскиот идентитет, додава Колефски.

За оваа најава, за која разбравме од социјалните мрежи, посочува тој, запознаени се надлежните служби во округот Корча, каде територијално припаѓа општина Пустец.

Истиот став го дели и лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ Васил Стерјовски, како и претседателот на македонското друштво „Илинден” Никола Ѓурѓај, кои потсетуваат дека веќе подолг период „искажуваат загриженост од напорите на Бугарија за асимилација на Македонците не само во Мала Преспа туку и во Гора и Голо Брдо”.

Најава за отворање на бугарскиот културен центар во Пустец преку својот профил на Фејсбук објави бугарската Фондација Македонија, која најави присуство и на официјални лица, но и Колефски и Стерјовски не веруваат во тоа.

Деновиве албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши при престојот во Пустец јасно кажа дека без разлика на одредени странски влијанија, во Преспа живеат Македонци.

-Во Преспа живеат Македонци, со македонски јазик, идентитет, култура, традиции. Без разлика на некои странски влијанија за нас тука живеат Македонци. Тие се една заедница што е додадена вредност во мозаикот на културните, историските, етнографските и јазичните вредности на нашите простори, рече Пелеши.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.