Српскиот министер за надворешни работи во техничкиот мандат, Ивица Дачиќ, изјави дека за приемот на Приштина во Советот на Европа (СЕ) нема да се одлучува според правдата и правото, туку по силата, јави дописникот на МИА од Белград.
Немаме дилеми. Правдата и правата нема да се видат овде. Овде ќе ја гледаме силата – односно дали некој тоа сака на сила да го наметне или не, рече Дачиќ.
Тој додаде дека Советот на Европа е организација која првенствено треба да се занимава со човековите права и слободи.
Не може да се каже дека Советот на Европа од самиот почеток не беше политичка организација и дека беше политички обоен сите овие години. Но, сега веќе влегуваме во поле кое ја надминува правната рамка на самиот Совет на Европа, каде што се прекршуваат основните принципи на кои тој функционира, рече Дачиќ.
Тој забележа дека членките на Советот на Европа се држави и дека ова ќе биде првпат „ентитет што не е држава“ да биде примен во членство.
Дачиќ потсети на трите услови за прием на Косово, за кои говореше и Дора Бакојани, известувачот за приемот на Косово во Советот на Европа – уписот на земјиштето на манастирот Високи Дечани во катастарот, прекинот на експропријацијата во српските општини и формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО).
Се разбира, нема ништо од тоа, бидејќи ЗСО е обврска кон Приштина веќе 11 години. И токму сега, во деновите кога е годишнината од Бриселскиот договор, Парламентарното собрание сега ќе расправа за препораката за прием на Косово во Советот на Европа. Значи, Дора Бакојани се откажа од тие два услова, но некои други земји не се откажаа, рече Дачиќ.
Тој како претседавач на Владата за денеска закажа седница, а ќе се формира тим на чело со него и директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, кој ќе се бори против приемот на Приштина во СЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.