Претседателот на косовскиот Независен синдикат на приватниот сектор, Јусуф Аземи објави денеска дека американската компанија за копови и рудници „Американ експлорејшн енд мајнинг ЛЛЦ“ („American Exploration and Mining LLC“) има намера да инвестира 800 милиони евра во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната вонредна прес-конференција, Аземи изјави дека ова е најголемата инвестиција на Балканот, со која ќе се овозможи вработување на пет илјади работници директно и до 20.000 индиректно.

Минималната плата, според него, ќе биде 800 евра, а ќе има и дополнителни додатоци и бонуси.

Синдикатите на приватниот сектор бараат од Владата да ѝ издаде на компанијата дозвола за работа што е поскоро можно, а нагласуваат дека и Амбасадата на САД во Косово препорачува реализација на проектот.

– Бараме од Владата на Косово да ѝ пружи поддршка и сè што е потребно согласно косовските закони, затоа што тие доаѓаат тука според законите кои се во сила. Американската амбасада ѝ препорача на Владата да го помине овој проект и ние немаме никакви сомнежи кога во тоа е инволвирана Американската амбасада. Ние сакаме да го истуркаме овој проект врз законски основи и не сакаме да ни побегнат инвеститорите, рече Аземи



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.