Амбасадорот на Велика Британија во Албанија, Аластер Кинг-Смит смета дека Владата на Косово треба да ги повлече специјалните полициски сили од општинските згради на север, да создаде можност градоначалниците да ги извршуваат своите функции од други локации, како и да распише нови избори и работи на Заедницата на српските општини.
„Владата на Косово во моментов има навистина важна улога. Треба да ги повлече специјалните полициски сили од општинските згради и да создаде можност претседателите на општините да ги извршуваат своите функции од други локации. Го поддржуваме и распишувањето на нови локални избори и соработката за формирање на ЗСО, како што е договорено меѓу владите. Така, заедно со нашите меѓународни партнери, Франција, Германија, Соединетите Американски Држави, Италија и други, работиме заедно на смирување на ситуацијата и изнаоѓање решение“, рече Кинг-Смит.
Тој додаде дека регионот на Западен Балкан е многу важен, како и неговата стабилност.
„Се соочуваме со војна во Европа со руската инвазија на Украина и сега гледаме како се разгоруваат други тензии. Не смееме да дозволиме тоа да се случи. Овој регион е важен и неговата стабилност е важна, затоа ги повикуваме сите да најдат начин да ги надминат сите овие проблеми и да најдат решение кое навистина функционира“, рече британскиот дипломат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.