Во Аргентина се одржуваат претседателски и парламентарни избори. Покрај шеф на државата, граѓаните на земјата ќе треба да изберат и 130 пратеници и 24 сенатори на Конгресот.

Петмина кандидати се борат за највисоката функција во државата. Главната битка ќе се води меѓу министерот за економија Серџо Маса, номиниран од владејачката коалиција Алијанса за татковината, поранешната министерка за безбедност Патриша Булрих, која ја претставува најголемата опозициска коалиција Заедно за промени, и пратеникот Хавиер Милеј. Тој е на чело на Либертаријанската партија, која е дел од алијансата „Слободата доаѓа“.

Актуелниот шеф на државата, Алберто Фернандез, чиј рејтинг падна под 20 отсто, уште во април објави дека нема да се кандидира за нов мандат, иако тоа му го дозволува Уставот.

Според резултатите од примарните избори спроведени во август, најголем број гласови (31%) добиле Милеј, кој претходно не се сметаше за фаворит. Повеќето анкети покажуваат дека тој останува фаворит во трката, но разликата меѓу кандидатите е мала и веројатен е втор круг. Според резултатите од истражувањето на јавното мислење, Милеј и Маса имаат најголеми шанси за учество во вториот круг од изборната трка.

За да победи во првиот круг, кандидатот со најголема поддршка мора да добие повеќе од 45 отсто од гласовите, или 40 проценти, под услов разликата со неговиот најблизок ривал да биде најмалку 10 процентни поени. Доколку ниту еден од претендентите не го постигне овој резултат, вториот круг на гласање ќе се одржи на 19 ноември.

Инаугурацијата на новоизбраниот претседател ќе се одржи на 10 декември.

Изборите доаѓаат во услови на економска криза влошена од пандемијата на коронавирус и невидена суша во историјата на Аргентина. На крајот на годината се очекува инфлацијата во земјата да биде најмалку 100 отсто. Растот на цените го поттикнува падот на вредноста на националната валута на берзата и црниот пазар што постои поради ограничувањата за откуп на долари во земјата, воведени поради недостиг на девизни резерви. Нивото на сиромаштија во земјата е 40 проценти.

Избирачките места ќе бидат отворени во 08:00 часот по локално време (13:00 часот по македонско време), а ќе бидат затворени во 18:00 часот (23 часот по македонско време).

Гласањето е задолжително за сите аргентински граѓани над 16 години. Прелиминарните резултати ќе бидат објавени подоцна во вечерните часови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.