Ристо Вуков ја вози третата сезона од Порше Карера Куп Италија, тркачката серија со ГТ автомобилите кои се икона на авто трките, која што завршува со шестиот гран при викенд за 2022 година на патеката Муџело.
По три години интензивни тренинзи, патувања и трки против ривали кои имаат и повеќе ресурси и повеќе искуство, Вуков успеа да постигне ниво и со претендентите за титулата да биде на слично рамниште каде што одлучуваат делови од секундата.
– Знам колкав пат поминав и со кои предизвици се соочив. Имаше неопходна потреба да се собере искуство како би можел да дојдам во ситуација да се подобрам, така што веќе тоа не е оправдување. Можеби можам уште повеќе да го подогнам нивото на тестирање кое го имам сега, наспроти она што го имаат ривалите, бидејќи некои постојани тестираат низ Италија, други настапуваат и во Светскиот Куп, а некои во околните земји како Швајцарија, Германија или Бенелукс. Генерално, лично чувствувам дека сум многу поизграден возач по трите сезони со „GDL Racing“, бидејќи успеав да го подигнам и нивото на разбирање на автомобилите, да ја совладам комуникацијата со инженерите околу стручните теми, а секако и да увидам разни типови на возачи со кои се натпреварувам.
Муџело е патека што публиката ја познава од мотоциклистичките трки, но кога се во прашање националните првенства во Италија, таа често е домаќин на секаков вид трки, почнувајќи од Порше Карера Куп, па Формула 4, БМВ М2ЅС куп, ТЦР Италија и уште многу други. Оваа година возачите ќе возат по втор пат, бидејќи се откажа планираниот настан на патеката Франчакорта крај Бреша.
– За Муџело ме врзуваат многу убави спомени, почнувајќи од моите почетоци и првиот настап во Порше Карера Куп Италија во 2020 година, првите бодови и најдобрата стартна позиција освоена на првата трка во 2022 година. Имав увидено дека квалификациите ми станаа најголема пречка бидејќи во нив не напредував како на другите полиња, па затоа ме израдува кога во јули го освоив десеттото место на стартот. Бидејќи во трката бев удрен, втората трка ја возев стартувајќи од 36 место, а финиширав на 12 позиција. Дефинитивно, со Муџело ме врзува една поинаква „хемија“!
Првата трка во Муџело се вози в сабота, а Вуков овој пат ќе стартува од деветтата позиција. Трката ќе биде емитувана на Телевизија 24 со почеток во 18 часот и 15 минути.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.