Вкупно 515 борачи од Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Молдавија и Романија ќе земат учество на Балканското првенство во борење за млади категории кое беше отворено денеска во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Како што информираат од Министерството за спорт, првенство ќе трае до 6 октомври, а вклучува натпревари по категории во три возрасни групи – пионери (У15), кадети (У17) и јуниори (У20).
Оттаму пренесуваат дека на свеченото отворање на шампионатот, министерот за спорт, Борко Ристовски, ја истакнал важноста од поддршка на младите спортисти и негување на спортскиот дух, тимската работа и дисциплината кај помладите генерации.
Ова првенство не е само натпревар, туку прослава на вредностите кои борењето ги всадува кај младите – упорност, дисциплина и почит. Горд сум што Македонија е домаќин на еден ваков важен настан, кој ги обединува народите од регионот во духот на спортот, изјавил министерот Ристовски.
Тој им заблагодарил на организаторите, тренерите и на волонтерите за нивните напори во организирањето на настанот, а на сите учесници им посакал успешен настап во борбите за балканските титули.
Овие натпреварувања не се само за освојување медали туку и за градење пријателства, учење и растење како спортисти. Ги охрабрувам сите млади борачи да го дадат својот максимум и да уживаат во искуството, дополнил министерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.