Македонската претставничка во таеквондо денеска на нејзиниот деби настап на Олимписките игри во Париз ја елиминираше десет години постарата шампионка Џејд Џонс од Велика Британија, која зад себе има 36 медали од кои 19 златни.

Затоа сме сигурни дека спортскиот свет уште многу ќе слуша за 21-годишната Милијана Рељиќ од Скопје. Родена и израсната во Гази Баба, таа повеќе од осум години е член на таеквондо клубот „Тигри“, од кои четири функционира како професионалец.

На последното Европското клупско првенство во таеквондо таа освои златен медал во сениорки -62кг со 4 победи и без изгубена рунда. Во 2022 година таа беше Европска клупска шампионка, додека минатата година освои брознен медал.

Како што објаснуваат од Општиан Гази Баба, љубовта кон овој спорт ја има изградено во вистински борец – тренинзите ѝ се комбинација од кондициони (пет пати неделно) и таеквондо техники и тактики (шест пати неделно). Се разбира, тренинзите без спаринг се недоволни и затоа повремено патува надвор од Македонија или поканува професионалци со цел да ја одржи својата форма на највисоко ниво.

На прес-конференцијата на која го најави нејзиното прво учество на Олимписките игри, младата спортистка вети дека ќе даде сè од себе за успешен настап и медал.

Ова се мои први Олимписки игри. Се вративме од 15-деневен тренинг камп, очекувам да го дадам мојот максимум, да бидам фокусирана, да се борам до крајот и со добра ждрепка да стигнам до медал, рече Рељиќ.

За формата на Македонката говореше и нејзиниот тренер Александар Ефтимов.

Формата на Рељиќ е на извонредно ниво, таа има седум медали на последните големи турнири. Златото на последното Европско клупско првенство го зголемува оптимизмот дека можеме до медал, додаде Ефтимов.

Попладнево Рељиќ ќе се соочи со Летиција Ајуд од Либан во четвртфиналето. Навиваме од 15.45 часот за таа да е чекор поблиску до медал. Напред наши!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.