Македонската џудо федерација (ЏФМ) за прв пат во својата историја од утре до среда во Скопје ќе биде домаќин на Европскиот јуниорски куп во машка и женска конкуренција на кој ќе настапат 234 џудисти од 29 држави.
Натпреварите за пласман и медали, како што соопштија организаторите на денешната прес – конференција, ќе се одржат претстојниот викенд во Спортскиот центар „Јане Сандански“, а Европскиот џудо куп ќе продолжи до среда со јуниорски камп.
„Овој Европски куп за прв пат се одржува во Скопје и искрено се надевам дека во следните шест денови ќе бидеме добри домаќини и центар на џудото во Европа“, изјави денеска претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски.
Потпретседателот на ЏФМ, Благоја Гешовски, истакна дека доделувањето на организацијата на Европскиот џудо куп е резултат на долгогодишна спортска дипломатија со поддршка на домашните институции.
„Ние како ЏФМ сме возбудени, среќни и горди бидејќи успеавме конечно во нашата држава да организираме настан со кој Македонија и македонското џудо се впишува на европската џудо мапа. Не беше лесно, ова е резултат на макотрпна спортска дипломатија во изминатите години, упорност и лобирачки вештини на нашиот претседател Трпаноски“, рече Гешовски.
„Ние во оваа битка да го организираме Европскиот куп ја имавме поддршката и од Македонскиот олимписки комитет, Владата на Македонија и Агенцијата за млади и спорт“, додаде потпретседателот на ЏФМ.
Селекторот на јуниорската џудо репрезентација Александар Фузевски најави дека на Европскиот куп ќе настапат вкупно 15 македонски џудисти, од кои деветмина се кадети.
„Ова и за нив и за нас ќе биде голем тест за тоа што можеме да очекуваме во иднина бидејќи станува збор за натпреварување од највисок ранг. Јас како селектор би бил презадоволен доколку нашите џудисти, меѓу кои неколкумина се во помала возрасна категорија, успеат да се вмешаат во борбата за медали, изјави селекторот Фузевски.
Првиот човек на ЏФМ истакна дека претстојниот Европски џудо куп е традиционално натпреварување и доколку годинешното издание мине беспрекорно на организациски пласман, Скопје и догодина ќе биде негов домаќин.
Воедно, Трпаноски објави дека ЏФМ поднела апликација за организација и на Европското јуниорско првенство во 2025 м година, а одлуката за домаќинот Европската џудо унија ќе ја објави на 21 овој месец.
Во името на Европската џудо унија нејзиниот претставник Бранислав Црногорац денеска изнесе комплименти за инфраструктурните и организациските капацитети на ЏФМ и изрази уверување дека Скопје ќе биде одличен домаќин на најдобрите џудисти во јуниорска конкуренција.
Прелиминарните борби започнуваат в сабота во 10 часот. Свеченото отворање е предвидено во 17 часот истиот ден, а по неговото затворање ќе следи финалниот блок кој ќе ги даде имињата на првите шампиони. Борбите продолжуваат в недела повторно со почеток од 10 часот.
Влезот за сите натпревари кои викендов ќе се одржат во спортската сала „Јане Сандански“ ќе биде бесплатен.
По завршувањето на купот, ќе се одржи и тридневен Јуниорски тренинг камп, исто така, во салата „Јане Сандански“ во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.