Од денеска почна пријавувањето за атлетската трка Скопје трча 10 километри која ќе се одржи на 8 мај годинава.

Оваа трка првпат се одржа во 2017 година, а организаторот очекува најголем број тркчари досега.

Пријавувањето е отворено до 28 април или до пополнување на предвидениот број учесници и се врши преку веб страницата на HalkEco СКОПЈЕ ТРЧА 10КМ https://www.skopje.run/.

Трката е отворена за сите, без разлика дали се работи за индивидуални учесници, или пак за група пријатели или компанија, кои имаат можност да ја пријават својата екипа за рангирање на екипен пласман на трката.

HalkEco Скопје Трча 10КМ е во организација на Сојузот на спортови на Скопје, кој воедно е и организатор на најголемата спортска манифестација во земјата, – Виз Ер Скопски Маратон, како и најпознатата трка за жени, – Авицена Женска Трка.

Стартот, како и целта на трката ќе бидат позиционирани на веќе препознатливата локација, – пред фонтаната Лотус во Скопје, а патеката за трчање ќе биде поставена по дел од булеварот Илинден и дел од булеварот Партизански Одреди. Времетраењето на трката ќе биде 90 минути, по тој период сите учесници ќе бидат замолени да ја напуштат патеката.

Многу важно при пријавување е тркачите да го изберат своето таргет време за кое планираат да ја завршат трката. Промена на таргет времето нема да возможно после пополнување на пријавата. Учесниците ќе бидат распоредени во 5 стартни бокса според одбраното таргет време. Доколку во пријавата учесникот не се одбере таргет време, учесникот кој се пријавува, автоматски ќе биде распределен во последниот бокс. Затоа ги замолуваме сите тркачи да бидат реални во бирањето на таргет време, изјави Гордана Николовска од Сојуз на спортови на Скопје.

Таргет времињата се следни:
Бокс 1 – таргет време под 45:00 минути
Бокс 2 – таргет време од 45:01 до 50:00
Бокс 3 – таргет време од 50:01 до 55:00
Бокс 4 – таргет време од 55:01 до 1:00:00
Бокс 5 – таргет време над 1:00:01

Во трката на 10км (еден круг), првите 5 места во машка и женска конкуренција ќе бидат парично наградени. Победниците на трката ќе добијат 12.000 денари, второпласираните по 10.000 денари, а пиедесталот ќе го дополнат третопласираните со парична награда од 8.000 денари. За 4то и 5то место следуваат награди од 6.000, односно 4.000 денари. Со дипломи и пехари ќе бидат наградени следните 3 возрасни категории: од 35 до 44 години, од 45 до 54 години и +55 години, а сите пласмани и награди во склоп на трката ќе бидат доделени по завршувањето на истата.

Стартниот пакет содржи: стартен број со чип (до 15 април со можност за испишување на вашето име на бројот), медал на крај од трка, торба, заштитна маска за лице на крај од трката, освежување, осигурување, резултати во живо и онлајн диплома, како и фотографии преку апликацијата Pic2Go.
За местото и времето на подигнување на стартните пакети учесниците ќе бидат известени во претстојниот период.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.