По Бобан Илиоски и Стефан Михајловски успеа да се пласира во полуфиналето на Европското сениорско кикбокс првенство што се одржува во Атина, со што двајцата македонски репрезентативци обезбедија најмалку бронзени медали, јави дописничката на МИА од Атина.
Михајловски попладнево беше подобар од Германецот Стефан Тикс со 3:0, а во полуфиналето ќе се бори со украинскиот репрезентативец Серхи Бабенко.
Претходно, Илиоски, кој е европски шампион од пред две години во неговата категорија, откако го совлада Хрватот Петар Јаман, за влез во финалето ќе се бори со Филис Христос од Грција.
Мите Ашкилов не успеа да се пласира во полуфиналето, откако поради повреда докторот не му дозволи да го продолжи натпреварот во втората рунда.
Во женска конкуренција, Леа Бошевска загуби од Нил Бејза Гохан од Лихтенштајн, а вчера Андреа Костовска загуби од Меган Охаре од Велика Британија.
Македонската репрезентација со петмина кикбоксери во машка и женска конкуренција ја предводи претседателот на Кикбокс Маитаи федерацијата Дејан Митровски, а во составот се Бобан Илиоски, Стефан Михајловски, Митко Ашкилов, Леа Бошевска и Андреа Костовска, тренерот Драган Атанасовски, како и Ирена Митровска секретарка во Федерацијата.
Европското кикбокс првенство во Атина во неделата беше свечено отворено, а членовите на македонската репрезентација за МИА изразија оптимизам и подготвеност и не ја исклучуваат можноста да се вратат со медали со оглед на тоа што Илиоски е европски шампион од пред две години и сега ја брани титулата.
На Европското кикбокс првенство во Атина што трае до 10 ноември учествуваат 982 натпреварувачи со 1.133 натпреварувачи од 41 држава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.