Француската министерка за спорт Амели Уеда-Кастера денеска пливаше во реката Сена за да покаже дека нејзнината вода е доволно чиста за оджување на натпреварите во далечинско пливање и пливачкиот дел од триатлонот за време на претстојната Олимпијада во Париз.

Претходно, министерката изјави дека одржувањето на натпреварувањата во Сена ќе биде настан на векот и дека тоа мора да се случи поради француското наследство. Реката Сена се користела за натпревари и за време на Олимписките игри во Париз во 1900 година.

Откако беше објавено дека Сена ќе се користи за олимписки натпреварувања, се отвори дебата за нејзината чистота. Последниве недели многу студии и анализи покажале дека не ги исполнува целосно хигиенските стандарди за пливање, а главна причина за тоа се честите врнежи во француската престолнина. Изминативе денови преовладува суво време кое го намали нивото на загаденост, а натамошните прогнози укажуваат дека сувото време треба да се задржи и за време на Олимпијадата во Париз.

– Сите мерења во последните 12 дена покажаа дека реката е погодна за капење, изјави Пјер Рабадан, претставник на париските градски власти. Тој додаде дека организаторите не се плашат од откажување на натпреварувањата на Сена, но оти се можни одредени прилагодувања. Доколку има проблеми со квалитетот на водата и нивото на водата, организаторите велат дека имаат резервни планови.

Градоначалничката на Париз, Ана Идалго, исто така, кажа дека ќе плива во реката Сена.

И францускиот претседател Емануел Макрон во февруари вети дека и тој ќе се капе во Сена, но оти нема да им каже на новинарите кога ќе биде тоа.

Пливањето во Сена е забрането во 1923 година поради загадување, иако француските политичари ветија дека ќе ја исчистат. Поранешниот градоначалник на Париз, а подоцна и претседател Жак Ширак во 1988 година вети дека реката ќе биде доволно чиста за да може да се плива пред крајот на неговиот мандат, но тоа ветување не го одржа.

Летните Олимписи игри во Париз почнуваат на 26 јули и ќе траат до 11 август.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.