Апел за голема поддршка од трибините упатија денеска до јавноста македонските одбојкари пред настапите на претстојното Европско првенство на кое Скопје ќе биде еден од градовите домаќини.

Под водство на селекторот Јошко Миленкоски македонските одбојкари во понеделникот ја стартуваа завршната фаза од подготовките за обврските кои им претстојат на континеталниот собир што од 28 август до 16 септември ќе се игра и во Израел, Бугарија и Италија.

„Ги започнавме подготовките за Европското првенство и засега сè тече во најдобар ред. Очекувам да се подготвиме најдобро што можеме. Мислам дека имаме квалитет да се пласираме во втората рунда“, изјави денеска репрезентативецот Владо Милев за официјалниот сајт на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).

Македонската репрезентација настапот на Европското првенство ќе го почне на 30 август во салата „Борис Трајковски“ против Данска во воведниот натпревар од групата Ц во која за противници ќе ги има и селекциите на Полска, Холандија, Црна Гора и Чешка.

„Прв пат како држава сме организатор на едно вакво големо натпреварување во машка конкуренција и затоа ја повикувам македонската јавност да дојде и да ужива во квалитетни одбојкарски натпревари во салата „Борис Трајковски“, додаде Милев. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.