Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, повика на олимписко примирје и положување на оружјето ширум светот за време на Олимписките игри во Париз.

Гутереш повика на мир во видеопорака која ќе биде емитувана и в петок, за време на церемонијата на отворање на Игрите во француската престолнина.

„Светот се собира во Париз за да ги обедини луѓето и да промовира меѓусебно почитување. Тоа се и идеалите на Обединетите нации. Во духот на олимпиското примирје, ги повикувам сите да го положат оружјето и да ја поттикнат солидарноста и сите заедно да се стремиме кон конечната цел, а тоа е мир за сите“, нагласи Гутереш.

„Олимпискиот оган нека му го осветли патот на целиот свет кон мирот и хармонијата“, додаде првиот човек на ОН.

Олимписките игри во Париз ќе траат од 26 јули до 11 август, додека Параолимписките игри се одржуваат од 28 август до 8 септември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.