Викендов во организација на Македонската федерација за билијард, а со поддршка на Агенцијата за млади и спорт, се одржа првото Национално првенство за јуниори, категорија до 19 години (која се игра и на европските првенства).

Имаше вкупно осум учесници кои се натпреваруваа во дисциплината „деветка“, по идентични правила што важат при настап на ЕП. Домаќин беше „Гран Клуб“ од Скопје, а играчите беа претставници на четири клубови од различни градови (Скопје, Битола, Прилеп и Тетово).

Победник на турнирот е 12-годишниот Андреј Ѓурчиновски, кој летово ја претставуваше Македонија и на континенталниот собир што беше во Бугарија. Во финалето тој го совлада Антонио Крајоски со 7:4, додека третото место (како поразени од полуфиналните дуели) го поделија Диели Весели и Мухамед Даути.

Ѓурчиновски со четири победи ја потврди формата, иако беше најмладиот од сите учесници. Како победник на турнирот тој ќе ја претставува државата на следното европско првенство, кое е закажано за јули 2023 година. Пехарот и медалите ги додели новиот претседател на Билијард федерацијата на Македонија, Дејан Сипковски.

Со јуниорскиот турнир и официјално е завршена натпреварувачка 2022 сезона. Согласно усвоениот календар за 2023, новото Национално првенство за сениори започнува во февруари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.