Македонската машка кошаркарска репрезентација до 16 години загуби вечерва од Турција со 82-74 во осминафиналето на Европското кадетско првенство А дивизија, чиј домаќин е Скопје.
По двата високи порази во групната фаза од Грција и Шпанија, македонските кошаркари одлично влегоа во вечерашната пресметка и поведоа со 7-0 и 9-2, но Турција веќе до крајот на првата четвртина го сврте резултатот во своја корист (19-12), а на полувреме обезбеди уште повисока предност од 15 поени (43-28).
Македонските кошаркари имаа слаба реализација на шутот од поле и дури 25 загубени топки што на крајот се покажа пресудно за победата на Турција.
Најистакнат во македонските редови беше Марко Луканоски со дабл – дабл ефект од 13 поени и 20 скокови.
Со вечерашниот пораз Македонија во продолжението на Европското првенство ќе разигрува за пласман од 9. до 16. место и ќе се обиде да ги избегне последните три места кои водат во Б дивизијата.
Извор: МИА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.