Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави реконструкција на салата „Градски парк“ која е препознатлив дом на најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Работнички.

 

Герасимовски не се откажува од идејата за изградба на нова сала, но првична цел на сопственикот на клуб е оспособување за натпревари на постоечката сала.

 

– Пред две години Работнички го затекнавме, не во клекната, туку во лежечка состојба. Ветив дека клубот ќе го стабилизираме. Имаме нов Управен одбор, стабилни спонзори. Кога станав градоначалник Работнички беше на 10. место, минатата сезона бевме помеѓу најдобрите пет. Даваме се од себе клубот да го вратиме на врвот. Размислуваме за салата Гардски парк. Бараме начин да ја вратиме во функција. Ќе направам максимум во овој мандат да се реконструира. Многу мои претходници ветуваа вакво нешто. За нова засега немаме можност, бидејќи треба да се менува ДУП и тоа е малку долг процес. Во моментов реконструкцијата е најдобра можност. Мораме раб да го вратиме во својот дом, истакна Герасимовски на денешната прес-конференција.

 

Градоначалникот е задоволен што Работнички по подолго време се враќа на евро-сцената.

 

– Ме радува тоа што нашиот најтрофеен клуб и бренд на Центар повторно ќе заигра на ФИБА Евро купот. Верувам дека на цела спортска јавност и недостасуваа меѓународни натпревари на нашиот тим. Се надевам дека Работнички ќе го вратиме на победничките патеки и во неговиот препознатлив сјај. Општина Центар и понатаму ќе продолжи да дава поддршка за да ги оствариме нашите цели, додаде Герасимовски.

 

Квалификациите за ФИБА Евро купот ќе се играа во СРЦ „Кале“ во Скопје од 2 – 5 октомвври. Противници на Работнички ќе бидат Рапид Букурешт (Романија), Сахах (Азербејџан) и Донар Гронинген (Холандија).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.