Едно од најбизарните судења оваа година, како што го опишаа германските медиуми, заврши со изрекување глоба од 420.000 евра за поранешниот легендарен фудбалски голман Јенс Леман, кој е казнет бидејќи со моторна пила ја оштетил гаражата на соседот во родниот град Штанберг.
Поранешниот германски репрезентативен голман е прогласен за виновен за оштетување туѓ имот, навредливо однесување и обид за измама.
Германските медиуми јавија дека Леман бил незадоволен поради тоа што гаражата на соседот му го попречувала погледот од неговата куќа на езерото Штанберг во Горна Баварија.
Леман провалил во гаражниот објект на својот сосед, откако претходно го извлекол струјниот кабел од безбедносната камера и со моторна пила исекол една од гредите.
Поранешниот голман на Шалке, Милан, Борусија Дортмунд, Арсенал и Штутгарт, сепак, бил снимен од безбедносната камера која функционирала со помош на резервна батерија.
На судскиот процес Леман признал дека влегол во гаражата со моторна пила во рацете, но рекол оти не се сеќава што потоа се случило.
„Нема сомнение дека обвиненијата против поранешниот германски голман се вистинити“, рече јавниот обвинител Штефан Кројцер.
Леман по завршувањето на фудбалската кариера беше член на Управниот одбор на берлинска Херта, од каде беше отпуштен поради навреди на расна основа кон поранешниот фудбалер Денис Аого.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.